Активизам Актуелно Германија

Интервју со Ивана Атанасова-првиот македонски претставник во Советот на странци во Фулда, покраина Хесен

Напишано од Aleksandar Buzleski

На изборите за Советот на странци во градот Фулда,кои се одржаа на 14.03.2021 нашиот кандидат Ивана Атанасова се пласира во официјалниот состав на Советот. Освен што ќе ги застапува правата и интересите на Македонците во Советот на странци на градот Фулда, таа ќе биде и во покраинскиот Совет на странци на ниво на цела покраина Хесен.

Во продолжение, уживајте во одличното интервју со Ивана Атанасова ексклузивно за нашиот портал:

MiD: Здраво Ивана,
Голем поздрав до тебе, и благодарност што прифати интервју за нашиот портал. Ќе може ли најпрво за нашите читатели да ни откриеш која е Ивана Атанасова?

Ивана Атанасова: Здраво , најпрво сакам да  се заблагодарам што ме контактиравте и секако ви благодарам на интервјуто, моја е честа и задоволството.

Јас сум Ивана Атанасова, родена на 16.06.1991г. во Радовиш, Македонија.
Во Македонија студирав Фармација, но поради различни причини ги прекинав студиите и дојдов во Јули 2014г. за Германија.

Млада, сама, полна со надеж и цели, секако за подобар живот во подобри услови.

За многу кратко време го совладав германскиот јазик, за една година до Ц1 ниво (не ме прашувајте како 😁) и потоа се запишав на студии овде во Фулда на Hochschule Fulda – University of Applied Sciences, насока Wirtschaftsrecht – Nachhaltigkeit und Ethik.

MiD: Да преминеме на главната причина за ова интервју, а тоа е твојот избор во Советот на странци на градот Фулда. Ќе може ли да ни откриеш како дојде на идеја да се кандидираш воопшто на едни вакви специфични избори, каде се избираат претставници на етничките заедници во Германија?

Ивана Атанасова: Откако дојдов овде, како поминуваше времето увидов за жал дека германците и странците не се третираат подеднакво.

На пример, на еден оглас за издавање на стан, кога ќе се пријави странец и увидат дека е странец, без разлика колку добро го владее германскиот јазик и има добри примања, едноставно го одбиваат со изговор дека станот е веќе издаден, иако после тоа уште долго е самиот оглас активен.

Потоа, посебно кога се работи за фамилијарно право, истотака има големи разлики во третирањето, на пример, многу татковци се погодени од таа проблематика на коишто не им дозволуваат да имаат контакт со своите деца и покрај тоа што во многу случаи има и судско лице кое го надгледува самиот контакт.

Има многу луѓе кои, како мажи, така и жени се погодени посебно од проблематиката кога станува збор за фамилијарно право, фамилијарен живот, бракови, контакт помеѓу децата и родителите, татко -дете или мајка- дете.

Да не ги набројувам и секојдневните проблематики, коишто се однесуваат со самото доаѓање овде, регулирање на престој, на најнеопходни потреби, како што беше признавањето на македонските возачки, потоа спојување на фамилијата итн.

Сите овие работи да не кажам пак проблематики, беа причини кои кај мене имаа огромно влијание  политички да се активирам.

Официјалниот флаер за време на изборот за Советот на странци

Пред да се кандидирам долго ја следев работата на Советот на странци. Имав чест да го запознаам претседателот на советот на странци господинот Абдулкерим Демир, познат како Керим и со него да соработувам.
Неговото функционирање, неговата подготвеност секому да помогне едноставно ме фасцинира и така сите овие години преку меѓусебна соработка, преку помошта што јас и лично секому што можев му ја пружив, а истотака и преку учеството на многу седници на советот на странци сфатив дека можам да бидам дел од него и да придонесам и помогнам уште повеќе за нашиот македонски народ овде во странство за да се подобрат и променат многу работи во позитивна насока и посебно ми е чест што сум избрана како прва православна македонка и жена од листата и воедно сакам овде  јавно да се заблагодарам на сите кои гласаа за мене и ми  дадоа  поддршка.

MiD: Може ли накратко да ни објасниш која е целта и функцијата на Советот на странци во еден град?

Ивана Атанасова:Советот на странци има голема улога во општината, има советодавна функција и се ангажира за сите странци во сите области, без разлика на етничката и верска припадност, за правото на странци, за рамноправност, против расизмот,  на кратко од А до Ш ги застапува интересите на сите странци.

MiD: Кои според тебе се приоритетите на Македонците во Фулда, и дали сметаш дека сега кога имаме свој македонски претставник во Советот, ќе дадеш свој искрен придонес кон нивна реализација?

Ивана Атанасова: Многу од причините кои претходно ги набројав зошто се кандидирав, сметам дека се приоритет на сите Македонци во Фулда.

Македонците во Фулда немаат место за средби.
Има многу клубови или места за средби од различни нации, а додека ние Македонците сме една од нациите која што ја нема таа можност.

Ќе дадам свој искрен придонес за основање на еден македонски клуб, каде што би можеле ние Македонците во оваа туѓа земја меѓусебно да се поддржуваме, да ја негуваме нашата македонска традиција и култура.

Да би можеле преку нашите средби да ја доловиме нашата татковина Македонија овде во Германија, да дозволиме и придонесиме нашите деца да ја видат и чувствуваат, а и да ги поврземе со нашата Македонија.

Од посебно значење, план и желба ми е да придонесам околу изградба на македонска црква во Фулда или за почеток да добиеме соодветен верски објект, кадешто би можеле и ние Македонците да ја одржуваме нашата религија и богослужби.

Исто така будно ќе ја следам и политиката во нашата татковина и посебно ќе се залагам да нашите амбасади и конзулати конечно почнат за нас Македонците, за народот, а не против народот да работат.

За жал македонскиот народ тука во Германија е како изгубен народ и тоа морам да го сменам.
Потребна ни е комуникација и учество во политичките цели.
Ние мораме да се бориме за нашата татковина, да привлечеме и придонесиме да се развие туризмот, имаме преголемо богатство кое гордо би го покажале на светот.

Да основаме и придонесиме во развојот на партнерства помеѓу Македонија и Германија,  на пример, размена на ученици и студенти, меѓусебно да се поддржуваме и да ја негуваме традицијата и културата на двете земји.

MiD: Како конкретно изгледа Советот на странци, колку членови брои, и колку време е неговиот мандат?

Ивана Атанасова: Со демократски избори се избираат членовите на советот на странци.

Во Фулда има 11 советници и мандатот е 5 години.

На сегашните избори се избрани 11 советници од 8 различни земји и од различни верски припадности.

Во групата, во којашто сум јас, ние сме и мнозинството на советот на странци и сме социјално демократски настроени и се залагаме за интересите на сите странци во Фулда.

MiD: Кои се условите за пријавување на ваков избор и дали имаш некоја препорака (или совет) за тие кои би сакале во иднина да се кандидираат?

Ивана Атанасова: Секој, којшто има миграциска позадина смее да се кандидира.

Сите кои не поседуваат германски пасош имаат право на гласање.
Оние кои веќе поседуваат германски пасош, истотака можат да се кандидират и да бидат избрани, но не можат сами да гласаат за советот на странци. Доколку бидат избрани ги имаат истите права како и останати советници.

Моја препорака на сите е да ја следат будно работата на Советот на странци. Да се интегрираат и да придонесат за подобар соживот, но не смеат да заборават од каде потекнуваат и доаѓаат.

MiD: Дали и колку често Ивана ја посетува родната Македонија?

Ивана Атанасова: Па какво е ова прашање? 😁 Мислам одговорот се подразбира, секако дека ја користам секоја прилика и слободно време за да ја посетам нашата Македонија.

MiD: За крај, дозволи официјално да ти честитаме за успехот, и да ти посакаме многу успешни проекти. Се надеваме дека ќе имаме многу други причини за контакт во иднина.

Ивана Атанасова:Ви благодарам од се срце!
Голема благодарност и до сите читатели, а уште поголема благодарност на сите коишто ми дадоа огромна поддршка, како виртуелно, така и лично.

Посебно сакам да се заблагодарам на моите родители, на моето семејство кои  целосно ме поддржуваат и следат во моите цели и кои ми ја дават потребната енергија да продолжам понатаму!

Огромна чест  ми е што успеав како Македонка да влезам во Советот на странци и да ја претставувам нашата татковина Македонија и да придонесам за подобар и заеднички соживот.

Заедно сме посилни, каде и да сме!

Се надевам и јас дека и во иднина заеднички ќе прославуваме само успеси.

Ви благодарам, Ивана Атанасова

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија

Сподели на

За авторот

Aleksandar Buzleski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот