Вести Германија ТВ и интернет

Сајбер бункер во Трабен-Трарбах: Од Воен Бункер до Центар за Сајбер-Криминал.Фото+Видео

Сајбер бункер 1
Напишано од Boban Petrovski

Во малиот германски град Трабен-Трарбах, идилично сместен покрај реката Мозел, на површина од 13.000 квадратни метри, еден поранешен Бундесвер бункер од времето на Студената војна беше трансформиран од безбедносен објект во дата центар за Дарк Веб, користен за нелегални активности на глобално ниво. Овој објект, популарно наречен „Сајбер бункер,“ бил еден од најобезбедените воени комплекси на германската армија, дизајниран да издржи и нуклеарни напади. Со своите дебели бетонски ѕидови и подземни структури распоредени на едно надземно и четири подземни нивоа, бил замислен како високо безбедносен комплекс.

Продавање на објектот и трансформација во дата центар
Во 2007 година, Министерството за одбрана на Германија донело одлука да го продаде овој објект, бидејќи неговото одржување станало премногу скапо и комплексно. Одржувањето вклучувало постојано работење на вентилациски системи, пумпи за спречување на поплавување на подземните нивоа од подземните води, голем систем за климатизација, резервоари со нафта, масивни батерии итн.
Во 2013 година, холандскиот претприемач Херман Јохан Ксент го купува бункерот за 350.000 евра. Ксент ветил дека ќе отвори 50 до 100 нови работни места и дека објектот ќе го претвори во дата центар за хостирање податоци кои бараат висок степен на безбедност и приватност. Познат по својот контроверзен став за интернет без цензура, Ксент веќе имал искуство со вакви проекти во Холандија. Неговата цел била да создаде „bulletproof hosting“ услуга, каде корисниците би можеле да хостираат каков било вид на содржина без мешање на властите. Според Ксент, единствените содржини кои не би биле дозволени во „Сајбер бункер“ се терористичките активности и детската порнографија.

Како „Сајбер бункер“ стана место за нелегални активности
Во своите почетни години како дата центар, „Сајбер бункер“ хостирал веб-страници и услуги кои барале максимална приватност. Меѓутоа, со текот на времето, објектот станал популарен меѓу корисници на Дарк Веб. Властите откриле дека меѓу хостираните сајтови во „Сајбер бункер“ биле некои од најголемите пазари на Дарк Веб за трговија со дрога и хакерски услуги.
Според извори од полицијата, некои од најпознатите сајтови хостирани во „Сајбер бункер“ биле Wall Street Market, еден од најголемите маркети за нелегална трговија со дрога, како и Cannabis Road и Fraudsters, платформа позната по продажба на хакерски услуги и украдени податоци. Физичка и технолошка сигурност го направило „Сајбер бункер“ место за сајбер-криминалци од целиот свет.
Во 2016 година, од серверите скриени под земја, бил покренат хакерски напад на 1,25 милиони рутери на Дојче Телеком. Хакерите речиси го блокирале работењето на германскиот и светскиот телекомуникациски гигант, обидувајќи се да дојдат до податоци и шифри на корисниците, но експертите за компјутерска безбедност успеале да го спречат тоа. Тогаш во Германија се шпекулираше дека зад нападот стојат руски хакери, а канцеларката Ангела Меркел дури дала изјава која упатувала на тоа.

Како германските власти дознале за нелегалните активности
Германските власти добиле први информации за нелегалните активности во 2015 година. Сомневајќи се во објектот и зголемените активности поврзани со Дарк Веб, тие започнале темелна и долготрајна истрага. Со оглед на заштитата на објектот, полицијата морала да примени софистицирани методи за собирање докази и да се посвети на детално следење на активностите во и околу бункерот.
Полицијата ја користела тактиката на инфилтрирање агенти во бункерот под маската на работници. Овие оперативци, всушност, биле тајни агенти кои имале задача да обезбедат информации одвнатре. Преку нивната работа, полицијата постепено создавала јасна слика за активностите во бункерот, следејќи ги комуникациите и интеракциите на лицата кои доаѓале и заминувале од објектот. Благодарение на овие докази, полицијата добила доволно информации за да планира координирана акција.

Полициска рација и апсења
Во септември 2019 година, по четиригодишна истрага, германските власти организираа координирана акција со повеќе од 600 полицајци за упад во „Сајбербункер.“ а претреси биле извршени и во соседните земји, Луксембург и Холандија, како и во Полска.
Откако специјалните сили на германската полиција ГСГ успеале да ги совладаат електронските безбедносни системи и да ги отворат блиндираните метални врати на бункерот, внатре ги чекало вистинско изненадување: на едниот надземен и четирите подземни нивоа на поранешниот бункер на германската војска – Бундесверот, се наоѓале околу 2.000 меѓусебно поврзани компјутери. Се работи за најголемиот досега откриен дата цента за дарк веб


Судски процес и пресуди
Во декември 2021 година, осум лица беа изведени пред суд за нивната улога во управувањето со нелегалноста на “Сајбер бункер”. Главниот обвинет, Херман Јохан Ксент, доби казна од пет години и девет месеци затвор, додека другите обвинети добија казни од четири години и три месеци до една година условно. Пресудата беше историска и го отвори прашањето за етичката одговорност на хостинг провајдерите и потребата за законска регулација во оваа област.

Нетфликс за ова има снимено документарен филм.

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија

Сподели на
Симнете ја мобилната апликација

За авторот

Boban Petrovski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот