Во Недела 28 Март почнува новата сезона на Формула 1 циркусот. За жал оваа година без пренос на RTL. Првата трка е во Bahrain на патеката Sаchir. Прекрасна можност да поразговараме со Нино Сулејман. Човек кој ретко испушта некој посериозен авто-мото настан во Германија и пошироко. Човек кој својата огромна љубов кон Македонија ја пренесува на мото спорт фановите секаде каде што е присутен.
МиД: Здраво Нино. Почеток на сезоната во Формула 1. Што значи тоа за тебе? Кога не си во можност да присуствуваш во живо ги следиш ли трките на малите екрани?
Нино: Здраво и добро вечер. Адреналин и посебно чувство. Следам и додека снагата ме држи ќе следам.
МиД: По потекло си од Чаир Скопје. Колку време си во Германија и дали и пред да дојдеш овде следеше формула еден?
Нино: Роден сум во Скопје населба Топана. Во 1967 се преселивме во Чаир. Во Германија сум 38 години. Додека бевме во Скопје немавме можност да следам или следиме Ф-1.
МиД: Живееш во Kerpen, градче на 20 километри од Hürth родното место на Michael Schumacher. Дали можеби тоа влијаело на твојата поврзаност со Формула 1.
Нино: Да, од 1997 сум во Kerpen. Hührt е родно место на Michel и Ralf Schumacher. Но тоа не влијаеше да почнам со следење на Формула, следев и пред да се преселиме во Kerpen.
МиД: Која е првата сезона на која се сеќаваш и кои возачи беа тогаш најпопуларни?
Нино: 1990 ако не се лажам Ayrton Senna и Alain Prost. Исто Nigel Mansell и Gerhard Berger. Повеќето од нив имаат гаражи на Nürburgring.
МиД: Дали се сеќаваш на првата трка на која имаш присуствувано? Каде беше тоа и кога?
Нино: 29.07.1990 Hockenheim. Ayrton Senna победи на мојот роденден. И тогаш како и другите години спиев во истиот хотел на мотодромот.
МиД: Можеш ли да се сетиш на колку трки досега имаш присуствувано и на кој патеки?
Нино: Незнам точно. Околу 15 до 20 трки а можеби и повеќе. Најчесто сум на Nürburgring и Hockenheim. Понатаму сум бил на Spa-Francorchamps во Белгија, Budapest, Monza, Barcelona, Silverstone, Monaco, Istanbul, Magny Cours Франција и Spielberg во Австрија.
МиД: Македонско знаме ти е неизбежен декор како во твоето биро така и на Формула еден патеките. Кажи ни што најмногу те поврзува со Македонија?
Нино: Сé. Јас сум роден во Македонија. Татко ми, дедо ми, пра пра дедовците ми се Скопјани. Душата ми е Македонија. Кога и да одам на некој си спектакл обавезно со мене носам знаме на Македонија. Се сеќавам на една случка од 2019 година на памук кале и Fethiye во Турција. Ние со внукот и еден пријател на плажа со македонското знаме. Ни пријдоа луѓе од Гостивар со радосни/насолзени очи. Ми викаат „респект човеку, вака да се сака државата немам видено„. Кога му кажам дека сум Турчин – Муслиман но пред се Македонец со насолзени очи си замина со зборовите „вакви патриоти се раѓаат, не излегуваат од школски клупи„.
Мид: Благодарение на тебе македонското знаме може често да се види и на малите екрани во преносите на Формула 1. Од пред некое време и на Netflix во третата сезона од документарецот “Drive to survive” на сцените од трката во Nürburgrіng се гледа македонското знаме. Го гледаше ли документарецот?
Нино: Не уште го немам гледано. Но во прва прилика ќе го изгледам. Ме радува многу што и таму можев со љубов и срце да ја претставам Македонија. Овде сакам да дополнам. Покрај Формула 1 од време на време одев и на фудбалски натпревари на најчесто на FC. Köln и таму се вееше македонското знаме и повеќе пати можеше да се види на TV.
Мид: Се запознавме на трката во Hockenheim 2019 година. Секако причина за тоа беше твоето знаме закачено веднаш во хотелот под главната трибина. Ти се случува ли често на ваквите настани да се запознаеш со Македонци?
Нино: Да ми се случува. Нашата љубезност и добродушност кој ја сфаќа и цени се враќа 1000 пати назад. Овде би сакал да го издвојам нашиот пријател (спортски амбасадор) на Македонија Наце Митев. Тој прв стапи во контакт со мене. Тоа дете го засакав од срце, како брат (син) како род да ми е. Здрав и жив да ми биде, многу добри моменти поминав со него (вас) тие денови во Hockenheim. За љубителите на Формула сакам да напоменам дека најголемото шоу и забава за се случува во четврток пред и во понеделник после трката. Затоа јас останувам секогаш 5 до 6 дена на секоја трка.
МиД: Те прашуваат ли луѓето често за знаме на која држава се работи. Можеш ли да Издвоиш некој интересен настан во таа насока?
Нино: Често се случува да ме прашат. Некогаш има и мали провокации. Пример во СПА Белгија и на патеката во Барселона ми го имаат побарано знамето „дај ми го јорганот да се покријам со него„. Јас ја соблеков јакната и им ја понудив за покривање. Знаме не се дава на непознати.
Мид: Додека пиевме пиво до нас помина Nico Rozberg светскиот првак од 2016. Се фотографираме со него и беше навистина интересен настан. Дали покрај ова си имал вакви средби и со други познати формула 1 возачи или некој други јавни личности со оглед на тоа што на овие трки често можат да се видат познати спортисти, актери и тн.
Нино: Да. Се сеќавам на една случка далечната 1996 во Анталија хотел Дедеман сегашен Барут. Во дискотеката седевме со Damon Hill и со David Coulthard заедно на маса со Ефес пиво. Со David имам и слики. Најдобра случка беше со Michael и Ralf Schumacher и татко им Rolf во Kerpen и од оваа случка имам слики.
МиД: Имаш огромна колекција на Формула 1 реквизити меѓу другото и многу капи, дел од нив со автограми. Од кого се имаш добиено автограм и дали имаш некој што ти е посебно омилен?
Нино: Имам многу реквизити и автограми. Омилен тим ми е McLaren, дури и жена ми која е антиспортист ја имам однесено во боксот гаражата на McLaren и Ферари.
МиД: Оваа сезона се предвидени 23 трки со тоа сезоната ќе биде најдолгата во историјата на Формула 1. За жал вратите на патеките во Nürburgring и во Hockenheim ќе останат затворени за Формула 1 циркусот во Германија. Дали тоа значи дека годинава нема да го видиме Нино на некоја Формула 1 трка или сепак постои можност секако под услов тоа да биде дозволено да посетиш некоја трка во соседството или подалеку?
Нино: Ако има можност секако. Јас не сум коцкар но често добивам, затоа гледајте формула и ако го видите македонското знаме таму сум.
МиД: Формула 1 е убаво но и скапо задоволство можеш ли да ни кажеш како се движеа цените за трките во Германија од едноставна викенд карта до 4 дневна карта со сместување во хотел под трибините?
Нино: Ако сакате целосно задоволство чини 4 до 5.000 евра. Инаку тикетите за квалификации и трка се некаде помеѓу 100 и 300 евра зависи на која трка и на кое место сакате да седите.
МиД: Покрај Формула 1 Нино можеме да го видиме и на други авто мото натпреварувања. Кажи ни што поточно следиш, каде се одржуваат овие трки и кое натпреварување би им го препорачал на нашите читател кои би сакале со поскромни средства да уживаат во бучавата и мирисот на бензинот.
Нино: Гледам се што е поврзано со мото спортот. Не само трки туку и тренинзи. Еве веќе неколку недели сум на Nürburgring. Гледам и си уживам на секој тренинг на DTM, GT Oldtimer итн.
МиД: Нашиот најпознат авто мото спортист несомнено е Игор Ице Стефановски. Тој во минатата година во TCR Italy натпреварувањето на пред тоа има возено и трки во Германија. Дали го имаш гледано некогаш Ице во живо?
Нино: За жал не. Но во најскоро време ќе се видам со Игор, ви ветувам.
МиД: Постарите велат “порано беше се подобро” кој е твојот најомилен Формула 1 возач на сите времиња и за кој возач и тим ќе се навива оваа година.
Нино: Ayrton Senna, Emerson Fittipaldi секако Schumi и незаборавниот Niki Lauda. Пред некој ден бев во хотелот во Nürburgring кај што Niki има спиено со години. Почивај во мир легендо.
МиД: Се надеваме дека пандемијата ќе заврши што побрзо во прва линија поради здравјето на луѓето а потоа и поради враќањето во нормала. Во таа смисла ти посакуваме пред се многу здравје и набрзо да те видиме повторно на формула еден патеките.
Нино: Да сте ми живи и здрави. Чувајте се.