MiD: Здраво Славче како си?
Славче: Здраво, добар, работно! 🙂
MiD: Уште пред да го создадеме порталот се договаравме за ова интервју беше планирано да ни бидеш прв соговорник. Но поради сплет на околности таа чест ја имаше една прекрасна девојка. Се надеваме дека не ти пречи?
Славче: Секако, дамите имаат предност!
MiD: Се знаеме повеќе години. Првпат контактиравме преку Skype. Дали се сеќаваш на тој момент?
Славче: Секако дека се сеќавам иако беше поодамна. Една деценија и кусур.
MiD: Еден од твоите први јавно презентирани дизајни на автомобил „концепт Lamborghini„ беше објавен во хрватскиот Auto Klub. Дали се сеќаваш која година беше тоа и дали и пред тоа биле објавувани твои концепти во списанија?
Славче: Тоа беше 2009. Lamborghini Ankonian беше првиот мој професионален проект кој го направив во рамки на студиите. Изненадно стана вирален и го прошета целиот свет по портали, списанија, преку AutoBild, GQ, The Sun, Holland Herald, Forbes,… милионски прегледи на YouTube па и до хрватскиот AutoKlub. Инаку и пред тоа имало објави за мои дизајни но не со таа тежина.
MiD: Во Auto Klub ти беше претставен како „бугарски„ дизајнер. Кога ти пишав веднаш реагираше до редакцијата. Можеш ли да ни кажеш збор два за тој момент?
Славче: Токму така. Буквално веста за Lamborghini-то беше раширена до таа мера, да не можев ни јас да следам што и како се пишува. Дали од непрофесионалност или некој лош извор на информации, беше пренесено дека јас сум бугарски дизајнер, при што испратив протесно писмо, по што во наредниот број на списанието официјално се извинија и напишаа дека се работи за македонски дизајнер. На сите други места беа точни податоците.
MiD: Збор два за твоите почетоци. Како, кога и зошто почна да се интересираш а потоа и да се занимаваш со автомобилски дизајн?
Славче: Отсекогаш сум сакал да цртам и отсекогаш сум сакал автомобили. Уметничкиот талент го имам од мајка ми а интересот за машини од татко ми. На паркинг сум ги распознавал колите уште од многу мал, сум играл со колички, потоа читав списанија за автомобили и секогаш таа пасија се надградуваше, без престан континуирано, буквално од детска игра до професија денес.
MiD: Студиите по индустриски дизајн ги почна во Скопје но по една година продолжи со студии во München. Дали уште од почетокот на студиите во Скопје цел ти беше еден ден да се префрлиш на студии во Германија или таа идеа ти дојде подоцна?
Славче: Целта отсекогаш беше да студирам во Германија. Проблемот тогаш беше што образовните системи во Германија и Македонија не беа компатибилни. Ние имавме 12 годишно образование, а во Германија беа задолжителни 13 за упис на факултет. Сега е обратно, ако не се лажам. И затоа тогаш мораше да се заврши една академска година во земјата од каде доаѓате или да се учи Studienkolleg во Германија. Јас одбрав да студирам една година на Машинскиот Факултет во Скопје, каде што имав најблиска насока со таа за која се определив во Минхен.
MiD: Како што рековме погоре еден од твоите први медиумски презентирани дизајни е концептот „Lamborghini“. Италија е земја на дизајнот. Зошто Германија а не Италија или можеби некоја трета земја ?
Славче: Токму така, Италија е земја на дизајнот, и уживам кога сум таму, ја обожавам италијанската култура, уметност, јазик, храна….но не нуди такви можности како Германија. Прво студиите во Италија беа 7-8 поскапи од Германија, во Германија сте 3 пати подобро платен (како почетник), а своевремено имаше и најмногу работодавци за мојата професија во светот, сега тоа е Кина.
MiD: Зошто се одлучи за München и дали паралелно имаше и други опции за студирање во Германија? Можеби на училиштето за дизајн во Pforzheim?
Славче: München и Pforzheim ги имаат најдобрите школи за автомобилски дизајн во Германија а и пошироко. Бев примен на Факултетот во Минхен и одлично поминав, подобро не можеше да биде. Инаку бројката на високи училишта од тој калибар во светот е едноцифрена.
MiD: Префрлувањето од еден на друг факултет во друга држава е доста комплициран процес. Верувам дека ни во твојот случај не било едноставно студент од Македонија да се запише на толку атрактивен факултет во Германија. Кажи ни нешто за процесот на пријавување, условите кои требаше да ги исполниш и тн.
Славче: Не се работеше за префрлање од факултет на факултет, туку за нормален упис од нула. А за условите за упис, тоа беше макотрпен процес. Пред се ви треба добро портфолио со цртежи, познавање на Германски јазик (положен TestDaF), пракса за обработка на материјали 6 месеци. Дури тогаш имате право да конкурирате, па доколку ве изберат ќе ве повикаат на приемен испит кој трае два дена по 8 часа. Своевремено да дојдам до Германија требаше Шенген виза која не беше лесно да се добие. По поднесување на многу документи добив виза само за тие денови кога ми беше испитот, но немав автобус за Скопје секој ден. Воопшто не беше ‘прошетка во паркот’ како што викаат американците, но имам интересни патешествија и искуства за раскажување. Доколку ве примат тогаш треба да преведете милион документи на германски, да ги заверите во амбасада, да ги пратите и да ги фатите сите рокови.
MiD: Почетоците секогаш се тешки а најголема бариера е јазикот. Кога дојде во Германија колку го познаваше германскиот јазик? Дали веднаш почна со студии или прво го изучуваше само јазикот?
Славче: Како што кажав, морав да имам положено веќе TestDaF за да студирам. Тоа е еден од условите за упис. Наставата е исклучиво на германски.
MiD: Ти си човек кој и денес често си оди за Македонија. Но на почетокот носталгијата е секогаш најизразена односно ние сме најнеискусни во справувањето со неа. Какви беа твоите почетоци во Германија? Колку време ти требаше да се привикнеш на овдешниот начин на функционирање, менталитет, навики…? Дали можеби во таа фаза на привикнување размислуваше да се вратиш за Македонија?
Славче: Да, гледам често да сум во Македонија. Во нормални услови 6 до 7 пати годишно сум таму. Најискрено не сум имал воопшто носталгија додека студирав, денес сигурно имам повеќе. Но тогаш најверојатно фокусот, импресионираноста дека конечно сум на вистинското место, сум почитуван како човек и професионалец, учам од најдобрите и супер напредувам, не дозволувало да има простор за носталгија, или воопшто не сум имал време да размислувам за тоа.
MiD: Би сакал ли во кратки црти да ни го опишеш факултетот каде што ги заврши студиите?
Славче: Студирав на Fakultät für Design при Hochschule München, универзитет за применети науки. Бев на одделот за транспортен дизајн, кој е пододдел на насоката индустриски дизајн. Факултетот е насочен кон практична обука на студентите со крајна цел вработување, а не добри оценки. Добив добра теоретска подлога, многу вештини но најголема предност е тоа што факултетот е тесно поврзан со индустријата па на неделно ниво имав менторство од професионални дизајнери како и финансиска поддршка од дизајнерските студија при изработка на нашите модели.
MiD: Индустриски дизајн е малку поширок поим и не опфаќа само дизајнирање на автомобили. Со што може да се занимава еден индустриски дизајнер ако тоа не е дизајнирање автомобили?
Славче: Индустрискиот дизајнер може да покрие многу области, од игла до локомотива што би се рекло. Се што го произведува индустријата е осмислено од некој индустриски дизајнер, дали е тоа далечинскиот управувач од вашиот телевизор, автомобил, фрижидер итн.
MiD: Познаваш ли други Македонци кои успеале да завршат индустриски дизајн во Германија?
Славче: Досега немам запознаено.
MiD: Можеш ли да ни кажеш колкав е отприлика процентот на тие што завршуваат индустриски дизајн и успеваат да го најдат свое место во светот на автомобилскиот дизајн?
Славче: Не сакам да звучам демотивирачки, но многу мал. Од илјадници пријавени, во мојата генерација беа примени 35 студенти на индустриски дизајн, од кои 10 бевме на транспортен дизајн. Од тие десет, само тројца работиме во индустријата. За дизајн на производи мислам дека има поголеми шанси.
MiD: Не знам дали ќе се сложиш, но според мене дизајнирањето на автомобили однадвор гледано е „кралска„ класа кога е во прашање индустрискиот дизајн. Ти успеа да се докажеш онаму каде што веројатно конкуренцијата е најголема. Колку од твојот успех е талент а колку напорна работа?
Славче: Точно така, се работи за стварно ексклузивен клуб, само за илустрација, моментално има повеќе активни NBA играчи од дизајнери на автомобили во светот. Но пред да почнам да го одам патот на пријава на факултетот итн. пред се тој факт воопшто ни не го перцепирав. Бев самоуверен до даска, си ги знаев квалитетите и не се сомневав во успехот. Тука ми помогна многу мојата самоиницијатива, познавањето на софтвер пред студиите, константното вежбање, дисциплината и фокусираноста иако бев сам во странска држава. Денес сум во клубот и пак се докажувам во рамките на еден од најдобрите дизајн студија во светот, каде се натпреварувам со едни од најдобрите дизајнери на светот при секој проект, Crème de la crème.
MiD: Со оглед дека со студирање почна во Македонија каде што имаш завршено и средно образование, а потоа продолжи овде во Германија, можеш ли да направиш кратка паралела помеѓу образованието во Македонија и во Германија.
Славче: За моето образование можам да кажам се најдобро. Од основно училиште, средно и двата факултета. Секаде имав извонредни професори кои придонесоа да се развијам во тоа што сум денес, покрај моите родители кои секако имаат огромен удел. Во основно училиште добив добар преглед на светот, во средно научив да се изразувам, стекнав дисциплина и многу други квалитети кои му се потребни секому во кариерата но и социјалните односи. На факултет е фокусот на тоа специфично што го работам. Но ќе повторам, мојата самоиницијатива и давање 120% и повеќе од тоа што беше зададено како проект или задача на факултетот, покрај талентот, направи да успеам. Средното и основното образование во Македонија беа одлични, и сум многу среќен што сум учел тогаш, а не денес. На факултетите, зависно од областа, дали е теоретска или практична, мислам дека треба поголем фокус на практичните знаења за студентот. Тоа што го учи да може да го види, да го пипне, да го доживее, не само да го чита на книга или да гледа симулација на интернет. И тука доаѓа разликата. Во Македонија сум бил во најдобрите компании кои биле донекаде сродни со тоа што ме интересирало, на пример fx3x, МЗТ Леарница (која веќе не постои мислам), и неколку фирми за дизајн на мебел. И толку се. Додека во Германија имате безброј компании од секоја област кои се водечки во светот.
MiD: Од аспект на човек кој практично се запознал и со образованието во Македонија и тоа во Германија. Што е тоа што прво би го променил во македонскиот образовен процес.
Славче: Во глобала не би менувал многу. Мислам дека има многу други аспекти кои се лоши, а не самиот образовен систем. Политичкото мешање, измислување на ‘реформи‘ по фински, шветски или незнам каков друг систем не требаат. Требаат мотивирани и задоволни професори кои ќе си ја сакаат работата од една страна и мотивирани и перспективни студенти кои ќе бидат гладни за знаење. Но и тие и тие знаат дека нема перспективност, владеат извртени вредности во државата и тоа не мотивира воопшто за тој образовен систем да функционира здраво.
Продолжува: Втор дел „Mercedes Benz”
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата:Mакедонци во Германија .
*Авторски текст на порталот Македонци во Германија. Дозволено е споделување само директно преку линк или преку нашата истоимена Facebook фан страна.