Информации Конзуларни прашања

Најава за вадење на македонски пасош во Германија за еден месец

Напишано од Aleksandar Buzleski

После најавите на некои медиуми дека времетраењето за издавање на патна исправа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Сојузна Република Германија ќе се намали до рекордни две-три недели, стапивме во контакт со извори во македонскиот конзулат во Бон. Одговорот кој го добивме засега е неофицијален и го пренесуваме во целост:

“Во моментов, постапката за добивање нов пасош преку ДКП-та се одвива на начин што најпрво мора да се поднесе барање, по што се чека да се добие термин за сликање и земање биометриски податоци.

Поради заостатокот од реализација на поранешниот акционен план на Владата и големиот број на нереализирани барања од 1 јануари 2021 година, во моментов сеуште се чека за термин за сликање и земање биометриски податоци и по неколку месеци. Сепак, Амбасадите работат со полн капацитет за во најскоро време да се реализираат заостанатите барања, како побрзо би се нормализирала состојбата. По нормализација на состојбата и доведување до народски кажано НУЛА, постапката за вадење пасош ќе се одвива исклучиво со лично поднесување на барање во просториите на ДКП-та и веднаш пристапување кон втората фаза – сликање и земање биометриски податоци. По завршување на оваа фаза, изготвениот пасош се очекува да пристигне во ДКП-та во Германија за околу 30-на дена.

Во моментот цената на патните исправи е непромената и се движи од 27 до 36 евра, зависно од возраста на апликантот.
Моментално преку ДКП може да се аплицира само за добивање нов пасош, но не и лична карта и возачка дозвола.”

На наше прашање во врска со патниот лист го добивме следното објаснување:

“Патниот лист не заминува во историјата. Истиот има сосема поинаква намена. Служи и за лица кои се на туристички престој во Германија, кои се соочиле со кражба или губење на пасошот, по што задолжително ќе треба да се извади патен лист за да се оствари влез во матичната земја.”

Понатаму, во објаснувањето се вели дека во конзулатот во Бон само во периодот од јануари до септември оваа (2021) година има над 2000 заинтересирани кои сакале да извадат патна исправа преку овој конзулат. Наводно, вработените работат интензивно и изразуваат надеж дека крајната цел за издавање на патна исправа во рок не подолг од еден месец е реално да се очекува после напорна работа од околу три до четири месеци, откако сите заостанати случаи ќе се обработат и ќе дојдеме до т.н нулта точка.

Истовремено истакнаа дека во останатите две дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во Сојузна Република Германија (амбасадата во Берлин и конзулатот во Минхен) бројот на заостанати случаи за истиот период (јануари до септември 2021) е двојно помал и шансите за забрзување на целокупниот процес таму се многу поголеми.

Останува да видиме како ќе се одвива самата работа на терен и дали конечно после толку поплаки и притисоци дипломатско-конзуларните претставништва ќе станат вистински сервис на Македонците во Германија.

Фото: mkd.mk

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.

Сподели на

За авторот

Aleksandar Buzleski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот