Првиот дел од интервјуто може да го прочитате овде
MiD: Во првиот дел од интервјуто ги спомена можностите за време на студирањето да се работи на проекти директно за компании. Како се одвива тој процес и за кои автомобилски компании имаш работено како студент?
Славче: На факултетот каде што студирав, фокусот е ставен на практичната работа. Имате задолжителни теоретски предмети и предмети/проекти кои си ги одбирате во зависност од афинитетите или насоката која ја заземате. Во 3 семестар имате по еден проект, а секој нареден семестар по еден плус. Но може факултативно да се вклучите и на повеќе проекти како што направив и јас, од вториот семестар. Тука практично изработувате автомобил по ваша замисла исто како што тоа го правам и денес професионално. Факултетот има развиено добра комуникација со студијата за дизајн кои ги финансираат тие проекти, студентите развиваат концепти за нив, win win ситуација. Прв проект на кој можев да работам беше за Lamborghini, а потоа и за BMW, MINI, Mercedes Trucks, VW и Porsche.
MiD: Дипломската работа ја работеше во Мерцедес. Како дојде до тоа и зошто Мерцедес?
Славче: Дипломската работа ми беше втор ангажман во Мерцедес. Првиот беше пракса, 2 семестра пред да почнам со дипломска работа. Таа можност ја добив откако победив на конкурс за дизајн. После неколку месеци пракса (5 семестар) добив понуда за работа, а и воедно за изработка на дипломската работа.
MiD: “Ариа” беше именуван твојот дипломски проект. Зошто тоа име?
Славче: Па има неколку филозофски тези кои се испреплетуваат во самата дипломска работа како научен труд, а не само скулптура и од тука беше и инспирацијата за името. Сакав формалното и семантичкото да бидат една целина. Кога ќе го слушнете името без да ја видите колата, да ве асоцира и да ви отслика што ќе видите. Прво беше идејата да направам кола која што ќе изгледа лесно и нежно, со аеродинамична форма, како антитеза на Мерцедесите од тоа време кои изгледаа посолидно и имаа повеќе ивици. Потоа беше значењето на трикраката ѕвезда – транспорт по копно, вода и воздух. ‚‚Ариа‘‘ на италијански значи воздух. Исто така и дуетот на Тоше и Џана Нанини „Ариа„ беше актуелен од тоа време и таа класична музика ја дополни инспирацијата пред се за ентериерот-естетика од жичани инструменти и пијано, па се сé вклопи во една целина и делото мораше да се вика Ариа. А и убаво звучи мислам.
MiD: “Ариа” оваа година го слави 10-тиот јубилејен роденден но и покрај годините и денес според мене изгледа фасцинантно и футуристички. Како се создаваше овој проект од идеа до реализација?
Славче: Проектот го изработував 7 месеци. Понуда за работа имав веќе, па бев растеретен од тој аспект на притисок, и си работев мерачки. Имав неограничен буџет од Мерцедес, и смеев сам да си одберам каков тип на возило ќе работам. Истражувањето траеше еден месец, тука отприлика си дефинирав со каков тип на естетика ќе работам и во кој свет ќе се наоѓам. Од хералдички симболи, антички оклопи и форми, се до музички инструменти. Но пред се мотиви кои асоцираат на движење и динамика. Имав неколку правци и визии и почнав со користење на иновативни техники да дојдам до основната форма, прво цртав без тркала, целта ми беше да создадам скулптура. Дури потоа ги применив сите школски принципи и правила за дизајнирање. Од скици, преку модел од глина во комбинација со компјутерски 3Д модел. На крајот излезе како испечатен 3Д модел со ентериер.
MiD: “Ариа” на задниот дел има многу светилки. Ми имаш кажано дека тие го симболизираат ѕвезденото небо кое беше направено од публиката на последниот концерт на Тоше Проески во Скопје. Дали е тоа така и дали има и други детали кои исто така се инспирирани од некој настан или некоја секојдневна форма?
Славче: Сакав да внесам некој оригинален детал што не е виден досега, нешто по што ќе се памти Ариа. Кога истражував динамични форми, движења на флуиди, и разни феномени од природата, дојдов до разлеаната долга коса на ветар. И тука не може да замрзнете некоја форма, туку прамените се толку динамични, се испреплетуваат и на крај имате fade out ефект. Токму така сакав да ја изработам задницата, да биде провидна, да не знаете точно каде завршува колата. Не е солиден затворен волумен, туку се состои од многу издолжени игли кои завршуваат со кристал. Тука доаѓа аспектот на луксуз кој го нуди Мерцедес. Кога ќе ги погледнете тие завршетоци, точки, односно кристали, во формацијата заедно со ѕвездата на Мерцедес делуваат како ѕвездено небо.
Видео за пројектот Mercedes-Benz Aria – YouTube
MiD: Концептните возила обично никогаш не се реализираат но многу елементи од нив потоа на еден или друг начин се вградуваат во сериските автомобили. Така е случајот и со “Ариа”. Задните светилки кои создаваат многу точки се всушност и инспирација кај поновите модели на Мерцедес предната маска место стандардните три лајсни да има многу точки. Можеш ли да ни кажеш детали како дојде до тоа? Дали и други дизајнерски детали од Ариа се превземени како инспирација за сериски модели?
Славче: Токму така, принципот од ѕвезденото небо подоцна беше превземен за сериските возила, на предната маска и опстојуваат веќе во две генерации на возила. Сега во третата генерација имаме еволуција, наместо хексагонална форма ја имаме трикраката ѕвезда. Друг елемент се тркалата, комбинација од алуминиум со бакарни жици како симбол за електо погонот и еден retro touch. Исто така формалниот јазик на полни форми, скулптурално обликуваната каросерија послужи како инспирација за сериските возила кои се појавија во заднава декада. Доколку забележите, предходно беа користени многу линии и остри агли со плоснати површини.
MiD: Со оглед дека дипломската работа ја работеше во Mercedes логично беше твојата професионална кариера да ја продолжиш таму. Но дали воопшто размислуваше во тој период за друг предизвик?
Славче: Воопшто не, бев задоволен од третманот и соработката. Како што реков, работното место го добив веќе во 5тиот семестар.
MiD: Karl Benz во Mannheim и Gottlieb Daimler во Stuttgart во 1886 година ги има создадено првите автомобили воопшто. Интерсно е тоа што името “Mercedes” почнува да се користи од 1901 година па натака. Би сакал ли да ни кажеш збор два за историјата на името Mercedes.
Славче: Мерцедес Јелинек е ќерка на австрискиот бизнисмен Емил Јелинек. Емил купувал возила од Даимлер и организирал трки. Нарачал неколку возила со желба да се викаат како неговата ќерка Мерцедес. Од тогаш е превземено тоа име со додавка Бенз. Денес е составен дел на сите под/брендови, Mercedes-Benz, Mercedes-Maybach, Mercedes-AMG и најновиот Mercedes-EQ.
MiD: Mercedes-Benz на автомобилскиот свет му има подарено илјадници автомобили. Гледано од дизајнерски аспект кој модел за тебе е најубав на сите времиња?
Славче: Има многу Мерцедес дизајн икони, но доколку избирам една тоа би била 300SL Gullwing од 1954.
MiD: Често милуваш да кажеш “во светот има повеќе активни NBA играчи отколку дизајнери на автомобили”. Колку дизајнери се одговорни за изгледот на Mercedes автомобилите?
Славче: Моментално сме 12тина кои работиме на дизајн на екстериер.
MiD: На пошироката јавност и стана познат по твојот прв сериски дизајн Mercedes GLC Coupe. Дали беше тоа и твојот прв проект за Mercedes по завршувањето на студиите?
Славче: Токму така. Само месец дена по почетокот го изработив GLC Coupe, беше прифатен од бордот на директори и веднаш влезе во производство.
MiD: Создавањето на еден автомобил е долгорочен процес кој зависно од моделот трае од 5 до 7 години? Кога за тебе почна а кога заврши процесот на дизајнерско создавање на Mercedes GLC Coupe?
Славче: Па во меѓувреме светот почна малку побрзо да се врти. Ни требаат 3,5 до 4 години за развојот на еден автомобил. Дизајн процесот, мојот дел од работата година до година и пол. Конкретно GLC Coupe се ‚калеше‘ во 2011/2012 година.
MiD: По GLC Coupe следуваа уште три сериски автомобили Mercedes Б класа, Mercedes CLA Coupe и Mercedes CLA Shooting Break. Во кој периоди се создававаа овие автомобил?
Славче: Веднаш после GLC Coupe почнав да работам на Б-класата. CLA Coupe е третиот мој сериски автомобил,. Го работев во Калифорнија во 2015 година. Тоа беше најубавиот период во мојот живот. После тоа дојде CLA Shooting Break.
MiD: За разлика од Mercedes GLC Coupe кој е прв модел од оваа класа, Mercedes CLA Coupe беше всушност втора серија на овој автомобил. Промената на дизајнерската екипа помеѓу две серии е пракса или се работи за исклучок?
Славче: Не, тука нема некакво правило. Секој дизајнер се натпреварува според можностите на секој проект. Не е однапред определено кој што ќе работи. Секој ден е натпревар и се е по заслуга.
MiD: Би можел ли подетално да ни го опишеш процесот на дизајнерско создавање на сериски автомобил?
Славче: Се почнува со скица. Креативната идеја на дизајнерот е најважна, тука се поставува насоката, карактерот на возилото итн. Најуспешните цртежи се дефинираат компјутерски во 3д модел. Подоцна таа форма се пренесува на модел од глина во вистинска големина, којшто се развива скоро цела година од секој аспект. Тука имаме соработка со инжинери и специјалисти од многу области како безбедност, законски регулативи, аеродинамика, исплатливост, ергономија итн. Улогата на дизајнерот е да ги искоординира сите и да не отстапи многу од неговата првична замисла. Секако и да може својот модел да го продаде кај надредените, односно кај бордот на директори.
MiD: Какви се врските односно взаемното влијание при дизајнирањето на внатрешноста (Interior) и надворешноста (exterior)?
Славче: Би рекол дека се два различни света. Не мора да бидат ускладени во смисла на дизајнерски јазик, можат и да бидат контраст еден на друг. Во ентериерите забележуваме тренд на дигитализација и многу квадрати монитори, кои отвараат нови дигитални светови на интерфејсот.
MiD: За разлика од порано денес имаме огромен број на различни класи на автомобили но и од една класа се создаваат повеќе модели. Така е и со двете Coupe форми на постоечките модели GLC односно A класа. Со тоа голем дел од формата е зададен. Од една страна на овој начин се забрзуваат процесите на создавање на еден модел од друга страна дизајнерот нема многу простор за дизајнерски израз. Како ти гледаш на овие трендови и кои се предизвиците со кои се соочувате со оглед на малиот маневарски простор кој ви е оставен?
Славче: Тоа е уметноста и умешноста на еден дизајнер. Секако на крајот на денот треба да биде исплатлив производот, но од друга страна да биде оригинален. Затоа најголем примат во целиот ланец на еден производ ја има дизајнот. Тоа е сликата нанадвор, средството за непосредно комуницирање со клиентот или корисникот. Тоа што постојат многу деривати од едно возило или од една платформа на возила го гледам како предност. Можност да се задоволат што поголема целна група.
MiD: Кои дизајнерски елементи кај сериските автомобили кои ги имаш дизајнирано ни сугерираат дека позади дизајнот е потпишан “Славче Таневски” и кои се тие?
Славче: Па најголемо влијание имам со чистите површини и отсуството на ивици и рабови. Складните и екстремни пропорции кај двете купеа и употребата на триаголникот кај CLA на пример во светлосната група напред и назад. Исто така сродноста на предната и задната експресија на ликот. Доколку ги анализирате формата на предните и задните светла на CLA, ќе видите дека се разликуваат само пропорционално, додека силуетата е иста. Сите други возила моментално во гамата имаат различна форма на предни и задни светла.
MiD: Два од четирите сериски дизајна се автомобила се coupe форми. Дали тоа значи дека дизајнерите се поделени на повеќе оддели во зависност од класата и формата на автомобилот?
Славче: Не. Во принцип секој дизајнер може да работи на сите проекти. Секако купеата се најпрестижни, барем за мене.