Македонци во Германија:
Почитуван господине Мирчески,
Најпрво благодарност што ја прифативте поканата за ова наше интервју.
За почеток, може ли накратко да им се претставите на нашите читатели, кој е Боро Мирчески? Кога дојдовте на функцијата конзул при Амбасадата на Република Македонија во Сојузна Република Германија (поточно во одделението во Бон)? Дали сте тука комплетно со Вашето семејство? И како најчесто го поминувате слободното време ?
Конзул Боро Мирчески:
Ви благодарам и Вам за интересот за ова интервју. Особено ми е драго што Македонците во Германија се обединети во некоја форма преку вашата група на социјалната мрежа „Фејсбук“ и го имаат вашето онлајн издание како медиум преку кои се пласираат информациите од интерес на нашата заедница. Вие сте моќна алатка која обединува околу 50.000 луѓе а за да се менаџира целиот процес, потребно е многу време, енергија, ентузијазам и посветеност. Ви честитам!
И, тука некаде сме еднакви. На животот му пристапувам со голем ентузијазам и вложувам многу труд и енергија во целите кои ги зацртувам. Јас сум обичен човек, како многумина. Потекнувам од просечно македонско семејство, растен со бројни предизвици, чие надминување ме направило поистраен и борбен во „бурите“ кои се дел од моето секојдневие.
Со сопругата имаме два прекрасни синови, Петар и Марко, кои живот ни значат. Тие се нашиот најголем успех, гордост и причина поради која ги правиме сите жртвувања за нашето секојдневие да биде подобро и тука и дома. Се трудиме да се прилагодиме на германскиот систем и начин на живот, но не целосно. Иако физички сме тука, со срцата сме дома. И кога знаеш дека заминуваш дома од некоја држава по три години, се обидуваш да изнајдеш соодветен начин за успешно да функционираш во нејзиниот систем, но не нужно и целосно да се асимилираш. Многу често ни доаѓаат членови од фамилијата и пријатели на гости, а не ретко и ние одиме дома. Кога сме сами, целото слободно време го поминуваме на детски игралишта, во прошетки низ паркови или во посети на околни градови и држави. Едноставно, собираме спомени. Живееме од моментот за моментот.
На позицијата „Конзул“ во конзуларното одделение при Македонската амбасада во Бон сум од 1 април 2021 година. Со мандат до 1 април 2024 година. Доаѓам од редовите на Министерството за надворешни работи каде работам од 2015 година. Образовната титула Магистер по политички науки ја стекнав на Универзитетот во Болоња, Италија во 2008 година.
Македонци во Германија:
Кои се вашите првични впечатоци за Германија и градот Бон, и дали веќе се навикнавте на новата средина?
Конзул Боро Мирчески:
За оваа фаза во животот, кога моите деца се во пред-училишна возраст, мислам дека Бон е соодветно место за живеење. Мал град, што нуди доволно фамилијарни содржини каде може да се поминува секојдневието и има соодветна позиционираност многу поголеми градови да се во непосредна близина, па често може и да се посетат. Бон како град дава чувство на безбедност и мир. Ништо нема премногу, ниту премалку. Некако е соодветно дозиран од било кој аспект. Секако, се трудиме да функционираме најдобро што можеме во земја како Германија.
Македонци во Германија:
Сега нешто конкретно со вашата мисија тука… Во каква ситуација го затекнавте конзулатот во Бон, дали имаше суштински недостатоци во функционална смисла? И дали имаме конкретни активности во насока на подобрување на евентуалните недостатоци?
Конзул Боро Мирчески:
Конзуларното одделение во Бон бара посебен пристап во работењето. Години наназад, обемот на работа континуирано расте. Се поголема е концентрацијата на македонски државјани кои одбираат да се преселат во покраините под наша конзуларна надлежност. Од моето доаѓање до денес, многу работи се сменија, што како последица од потребата за адаптирање предизвикана од „Ковид 19“ пандемијата, што како последица на суштинските промени во спроведувањето на секојдневните активности. Во септември, минатата година се постави првата базна станица за издавање нови пасоши во Бон и тоа бараше сериозни радикални адаптации за да можеме да одговориме на потребите на нашите сограѓани. Во 2021 година, споредено со 2020 година, обемот на работа е зголемен скоро за 100%. Просекот на сработени предмети во конзуларното одделение е над 20.000 на годишно ниво. Тоа бара сериозен ангажман на нас, вработените. Работното време на ниту еден од нас не завршува за 8 часа. Практично, не е возможно да се завршат сите работни обврски во тој период. Некој од нас „заглавува“ на работното место до доцна попладне, друг работи навечер од дома. Сите даваме максимум од себе за да успееме да одговориме на барањата на странките. Секако дека има незадоволство кај одредени странки од нашето работење, но, се трудиме да изнајдеме соодветно решение за нивното незадоволство, доколку постои законска можност за решавање на нивната ситуација и расположение од двете страни да се пронајде соодветна формула како да се извлече позитивен резултат и да се реши незадоволството.
Мојот пристап е отворен, клиентелистички. Отворен сум за странките во секое време и секој еден што ќе побара средба со мене, соодветно е примен. Мојот телефонски број е широко распространет помеѓу странките и се трудам да одговорам на секој повик, СМС, порака на социјални мрежи и слично. Редовно ги следам и објавите во вашата „Фејсбук“ група па директно им се обраќам на странките во приватна порака кои објавиле дека имаат било каква ситуација поврзана со нашето работење. Во постојан контакт сум и со Здруженијата, црковните општини, џамиските одбори, наставниците по македонски и албански јазик ангажирани од Министерството за образование и наука, почесните конзули, со колегите дипломати од други земји, бизнис заедницата…
Македонци во Германија:
Пред да го спремиме ова интервју, ги замоливме членовите на најголемата Facebook група Македонци во Германија ЛИНК да наведат кои се најголемите забелешки во врска со функционирањето на конзулатот во Бон генерално. Секогаш на прво место беше проблемот со предолгото чекање за закажување термин, сликање и издавање на нова патна исправа. Понатаму, има доста поплаки на неефикасноста на телефонската комуникација на конзулатот. Како стојат работите сега на ова поле?
Конзул Боро Мирчески:
Секоја оправдана критика ја земаме во предвид во начинот на подобрување на нашето секојдневно работење. Ја поздравувам вашата иницијатива прашањата да произлезат од членовите на вашата Фејсбук група бидејќи тоа е начин да се добие вистинската слика – кога коментарите на двете страни се земаат во предвид.
Сепак, реалноста во моментов е сосема поинаква. Воопшто не се чека на закажување термини за било која услуга. Во моментов, сите услуги ги нудиме без термини, секој работен ден од 9 до 13 часот. Конзуларното одделение во Бон работи со странки од понеделник до петок во наведениот временски интервал, освен на македонските и германските државни празници.
Во однос на издавањето на нови пасоши ситуацијата е радикално променета. Изготвен пасош се добива за 30 до 45 дена од денот на сликање и земање биометриски податоци. Успешноста на позитивно решени барања за нови пасоши од денот на поставување на базната станица ни е 97%, што значи дека само 3% од поднесените барања за нови пасоши, од причини познати за странките се спорни и работиме на нивно решавање, по што постапката за добивање на нов пасош непречено би продолжила.
Од 21 септември 2021 година во конзуларното одделение во Бон почна да функционира базна станица за издавање на нови пасоши, што подразбира сликање и земање биометриски податоци за нов пасош на дневна основа. Со тоа, престана да се имплементира Владиниот акциски план за издавање нови пасоши со мобилни станици, пракса која траеше повеќе од деценија и подразбираше долготрајна процедура за добивање на нов пасош. Во текот на март, реализиравме сликање и земање биометриски податоци за нови пасоши во три кабини, со една базна станица и две мобилни станици со што ги реализиравме сите заостанати барања за нови пасоши од 2021 година. Од 1 април 2022 година и услугата – поднесување на барање за нов пасош се одвива без термин. На денот на поднесување на барање за нов пасош, веднаш се пристапува кон следната фаза – сликање и земање биометриски податоци, со што целата процедура од поднесување барање за нов пасош до добивање на нов пасош, трае најмногу месец и пол, секако, доколку нема спор со документацијата поднесена при самото барање за нов пасош. Затоа, најважно од се е странките да се информираат по електронски пат на нашата е-меил адреса кои документи им се потребни за било која услуга, како не би имале никакви потешкотии при добивање на услугата кога ќе дојдат во нашите простории.
Во однос на поплаката поврзана со телефонската комуникација… Со оглед дека на дневна основа услужуваме околу 100 луѓе, практично е невозможно подеднакво да се посветиме истовремено на сите сегменти од работењето. Најмногу трпи телефонската комуникација. Телефонот во Амбасадата непрекинато ѕвони. Во исто време, во нашите простории има странки кои треба да се услужат. Секогаш даваме приоритет на присутните странки. Затоа, не сме во можност да одговориме на сите телефонски повици. Ги повикувам странките почесто да ја користат електронската комуникација како форма на комуникација со нас, бидејќи на мејловите се обидуваме да одговориме целосно и навремено.
Во блиска иднина планираме да поставиме и автоматска телефонска централа, преку која странките ќе можат со притискање на соодветни бројки да ги добијат потребните информации за тоа кои документи им се потребни за нивното барање, како начин да се олесни и притисокот што во моментот се создава од неможноста за редовна и навремена телефонска комуникација.
Оваа година, конзуларното одделение ќе добие и зајакнување на тимот со уште еден колега – дипломат од Министерството за надворешни работи, со што верувам дека само ќе се забрзаат дел од услугите што во моментов ги нудиме на нашите странки.
Македонци во Германија:
Од неодамна, конзулатот се наоѓа на нова адреса. За тоа претходно имавме и конкретна статија на нашиот портал ЛИНК. Дали новата локација донесе предности или евентуално недостатоци?
Конзул Боро Мирчески:
Новата локација е на улицата Am Michaelshof 4a во центарот на населбата Бад Годесберг во Бон. Тоа значи дека во непосредна близина, на 30 метри оддалеченост се наоѓа подземна гаража, каде странките можат да ги паркираат своите автомобили, експозитурите на сите поголеми банки, а поштата е на само 300 метри оддалеченост. Сето ова ни ја олеснува работата и нам и на странките.
Македонци во Германија:
Дали Вие како прв човек на тимот кој се труди да им излезе во пресрет на македонските граѓани во Германија имате некоја порака кон самите граѓани? Дали има нешто (се разбира добронамерно) што би им го кажале доколку би имале можност за тоа?
Конзул Боро Мирчески:
Почитувајте ја земјата во која сте се родиле, негувајте го вашиот мајчин јазик и вашите културни вредности, без разлика каде и да сте во светот.
Македонци во Германија:
Какви се Вашите очекувања за во блиска иднина во однос на Вашиот работен ангажман?
Конзул Боро Мирчески:
По завршување на мојот мандат во конзуларното одделение во Бон се враќам во Министерството за надворешни работи каде ќе бидам прераспределен на соодветна работна позиција.
Македонци во Германија:
За крај, дозволете да Ви се заблагодариме уште еднаш за прифатената покана за ова интервју, и за одвоеното време, за што веруваме дека сите што ќе го прочитаат ова интервју ќе бидат благодарни и ќе имаат многу подобра претстава за нашиот Конзул, како и за конзулатот генерално.
Конзул Боро Мирчески:
Ви благодарам и Вам уште еднаш за интересот и за можноста да ја кажеме „нашата страна од приказната“ за работењето на конзуларното одделение.
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија ЛИНК