Важно соопштение во врска со изучување на македонскиот јазик ни пристигна од Амбасадата на Република Македонија-одделение во Бон.
Соопштението го пренесуваме интегрално:
“Почитувани”,
Здружението „Македонска заедница во Германија“, поддржано од Амбасадата на Република Македонија во Берлин – одделение во Бон има чест да информира дека е отпочната постапка за иницирање на можноста преку Министерството за образование и наука да се упати на работа професор по македонски јазик за децата од основно образование за покраината Северна Рајна Вестфалија, со седиште во Бон или Келн, кој би опслужувал настава во Бон,Келн и Леверкузен.
За таа цел, молиме, најдоцна до 21 ноември 2022 година, сите заинтересирани родители за можноста за посета на настава на мајчин јазик на нивните деца, да се обратат до нашите контакт лица:
- Миле Николоски, претседател на Здружението „Македонска заедница во Германија“, на емаил адреса: makedonischegemeinschaft@gmail.com
и телефонски број:017630435101- и - Евдокиа Николова Лиере, од Македонска Амбасада во Бон на емаил адреса: Sekretar.Bon@mfa.gov.mk и на тел: 015153641084
со цел да ја добијат и да ја пополнат пријавата по што ќе треба истата да ја достават пополнета на една од наведените електронски адреси.
Наставата е бесплатна, но од Ваша страна ќе биде потребна асистенција во изнаоѓање соодветен простор за одржување на наставата, во рамки на некое училиште за основно образование/ или во просториите на Вашата компанија.
Доколку се заврши навреме процесот на пријавување и поднесување на барањето до Министерство за образование и наука, и истото биде прифатено и одобрено од страна на Министерството, наставата би отпочнала од следната учебна 2023 / 2024 година и истата ќе ја спроведува наставник по македонски јазик, одбран на конкурс, објавен од страна на Министерството. Наставата ќе се одвива согласно образовно-научен план на МОН за секоја учебна година соодветно.
Во зависност од бројот на пријавени деца (потребно е пријавување на најмалку 25 деца), наставата би се одвивала еднаш седмично во две групи и тоа: група 1 – деца од 1 до 5 одделение и група 2 – деца од 5 до 9 одделение.
Со оглед дека ова е иницијатива во почетна фаза, за сите дополнителни прашања, одговорите ќе ги добивате согласно развојот на иницијативата.
НАПОМЕНА: На крај од секоја учебна година, децата добиваат Потврда за посетување на дополнителна настава по мајчин јазик, потпишана и заверена од страна на Амбасадата на Република Македонија во Берлин – одделение во Бон, која потоа може да се користи во образовни цели во Сојузна Република Германија, како и при евентуално враќање во матичната земја.”
***Напомена:
Уставното име на нашата татковина Македонија намерно е корегирано од страна на редакцијата на порталот Македонци во Германија, бидејќи тоа е основен услов за споделување на официјални информации во врска со Република Македонија на самиот портал.
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.