Актуелно Вести Македонија

Нема повеќе вадење лаптопи и течности од рачниот багаж на аеродромот во Скопје

Напишано од Aleksandar Buzleski

На Меѓународниот аеродром „Скопје“ од денеска (01.07.2026) се во функција нови уреди за безбедносна контрола, кои овозможуваат попрецизно откривање на потенцијални закани и помалку физички проверки. Најголемата новина за патниците е тоа што лаптопите, таблетите, мобилните телефони и течностите повеќе нема да мора да се вадат од рачниот багаж за време на проверката.

Во модернизацијата се вложени речиси еден милион евра. Инсталирани се два нови уреди со компјутерска томографија за проверка на рачен багаж, како и две автоматизирани ленти со систем за автоматско враќање на корпите. Опремата е од британската компанија Smiths Detection.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, изјави дека новата технологија ќе го скрати времето на чекање и ќе ја зголеми удобноста на патниците. Според него, со новите системи аеродромот ќе може да обработи до двојно повеќе патници на час по една линија, што е особено важно во периоди на зголемен сообраќај.

Заменичката на министерот за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, оцени дека станува збор за важна инвестиција за поголема безбедност и ефикасност. Таа посочи дека соработката со „ТАВ Македонија“ досега овозможила инвестиции од околу 50 милиони евра во повеќе проекти, вклучувајќи ја и модернизацијата на аеродромот во Охрид.

Од „ТАВ Македонија“ нагласуваат дека со оваа технологија скопскиот аеродром се доближува до големите европски аеродромски центри како Франкфурт, Хитроу и Цирих, каде ваквите системи веќе се стандард. Истите решенија се користат и на водечки аеродроми во САД, Израел и Индија.

Во периодот од јануари до мај годинава, двата македонски аеродроми опслужиле 1.580.932 патници, што претставува раст од 31,2 проценти во споредба со истиот период во 2025 година. Бројот на летови пораснал за 9,5 проценти, со вкупно 10.595 опслужени летови.

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија

Сподели на
Симнете ја мобилната апликација

За авторот

Aleksandar Buzleski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот