Европската унија ја одложи целосната имплементација на Системот за влез/излез (Entry/Exit System – EES) од април за септември 2026 година, поради страв од сериозен метеж на границите за време на летната туристичка сезона, потврди Европската комисија.
Иако системот почна постепено да се применува од октомври 2025 година, првите месеци покажаа значителни проблеми на аеродромите и пристаништата низ Европа. Забележани се долги редици, доцнења и пропуштени летови, особено при обработката на патници од земјите надвор од Европската унија.
Биометриските проверки создаваат застои
EES предвидува задолжително собирање биометриски податоци (отпечатоци од прсти и препознавање на лице) од патници кои не се државјани на ЕУ, што значително го продолжува времето на граничните контроли.
Според податоците на ACI Europe, времето за обработка на патниците на некои аеродроми е зголемено и до 70% а во екстремни случаи чекањето достигнало и три часа. Како најдрастичен пример се наведува аеродромот во Лисабон, каде во декември системот беше привремено суспендиран поради редици со чекање и до седум часа.
Повеќе време за подготовка на земјите членки
Од Европската комисија велат дека одложувањето ќе им овозможи на земјите членки поголема флексибилност за техничка и организациска подготовка, со цел да се избегнат поголеми проблеми при целосната примена на системот.
До официјалното воведување на EES во целост, патниците и натаму ќе добиваат печати во пасошите, како и досега.
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.
