Голема победа за Македонците во германската покраина Rheinland-Pfalz.
Благодарение на успешната иницијатива за изучување на македонски јазик во градот Koblenz, македонскиот јазик гордо стои на листата како 20-ти јазик на заедниците, кој официјално се изучува во образовниот систем на оваа германска покраина, која отприлика е два пати поголема од Македонија.
За почетокот и првиот училишен ден на Македонското школо може подетално да прочитате на следниот ЛИНК.
Македонците од покраината Rheinland-Pfalz ги охрабруваат своите браќа и сестри од останатите покраини на Германија да ги искористат сите можности кои соодветните покраини ги нудат, во насока на официјално изучување на македонскиот јазик во рамките на образовниот процес.
Десет германски покраини нудат изучување на мајчин јазик за деца со миграциско потекло, и тоа:
Berlin, Brandenburg, Bremen, Hamburg, Hessen, Niedersachsen, Nordrhein-Westfalen, Rheinland-Pfalz, Sachsen и Saarland.
Притоа секоја покраина си има посебна институција која е надлежна за оваа “проблематика”. На пример, во покраината Rheinland-Pfalz надлежна е ADD RLP (Aufsichts- und Dienstleistungsdirektion), во покраината NRW e Schulministerium и тн….
Постојат специфични случаи, како покраината Baden-Württemberg, каде изучувањето на мајчин јазик е препуштено на генералните конзулати на соодветните земји. Во тој поглед апелираме со македонскиот конзулат во Минхен да подаде рака доколку има потреба при евентуалните иницијативи.
Ситуацијата на терен е хетерогена во зависност од самата покраина, но примерот во Koblenz зборува дека кога се сака, сè се може.
Патем Koblenz е град во кој живеат релативно малку Македонци, но очигледно желбата и иницијативата биле преголеми. Нека тоа служи како одличен пример за останатите делови на Германија, особено за градовите каде имаме илјадници Македонци: Köln, Nürnberg, Ingolstadt и тн.
За покраините каде нема многу опции за финансирање на училиштето од страна на самата покраина, решението е во поднесување на иницијативи во македонското министерство за образование и наука.
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.
