После успешниот проект “Македонско девојче” воден од наставничката по соло пеење Марина Коруновска хорот „Македонски ѕвончиња„ продолжува понатаму со втор циклус настава по пеење во која децата со помош на професионален учител ќе обработуваат македонски песни, а резултатот од таа работа ќе биде документиран во вид на видео клип.
Видеото од првиот проект „Македонско девојче„ може да го видите на слединот линк
Во однос на деталите за упис и одвивањето на наставата ексклузивно за нашиот портал направивме кратко интервју со наставничката Марина.
MiD: До кога трае пријавувањето за детскиот хор?
Марина: Пријавувањето за овој втор проект (во случајов, македонска песна) трае од 17.01.21 до 24.01.21. После секоја презентација на сработена нова песна ќе имаме нови уписи.
MiD: На кој начин се врши пријавувањето?
Марина: Пријавувањето е засега преку Facebook на мојот профил или на страната Korunovska music & singing
MiD: Да ли се плаќа некој вид членарина. И ако да како се врши уплата?
Марина: Да, имаме симболична членарина која ги покрива часовите, уметниците кои се дел од проектот, аудио и видео монтажата итн. Уплатата е во договор со родителите. За членовите на Facebook групата „Македонци во Германија„ имаме специјален попуст од 20%. Се што требат да направат е при пријавувањето да напоменат дека се член на групата. По проверката ќе им биде одобрен попустот.
MiD: Кога ќе почнете со часови?
Марина: Започнуваме на 17.01.21 во 19.00 часот по македонско време
MiD: Во кои термини е предвидено да се вежба?
Марина: Терминот за претходниот проект беше недела од 19.00 часот, но доколку има потреба секако би организирале и други термини кои ќе им одговараат на сите членови.
MiD: Каква техничка опрема е потребна за да се земе учество на овие часови (лаптоп, микрофон, слушалки…) ?
Марина: Од техничка опрема е потребен лаптоп ( може и на телефон, но секогаш препорачувам лаптоп поради звукот).Микрофон и слушалки не се неопходни, но е добро доколку ги имаат децата.
MiD: Може ли накратко да објасните како се одвива еден час?
Марина: Часот започнува со вежби за распевање. Гласните жици се многу мали мускули кои (исто како што спортистите се загреваат пред тренинг или натпревар) е неопходно да се распеат пред секое пеење на песна. Работиме артикулација, правилен изговор на текстот, правилен ритам, а наскоро ќе вклучиме и вежби за дишење. Тоа е во првиот дел на часот, во вториот дел на часот ја вежбаме песната со секое дете одделно. Кога веќе сме ја научиле сите, испраќам музика на која децата се снимаат со телефон. Снимките се собираат, го монтираме аудио звукот и на крај целосната видео презентација. Доста комплициран процес, но кога се работи со љубов и посветеност кон децата и музиката, ништо не е тешко.
MiD: Од која до која возраст е предвидено да се дечињата кои се пријавуваат?
Марина: Минималната возраст е 4 години. Важно е детето да биде вклучено на апликацијата од повозрасна личност и да има концентрација на часот. Горна граница за запишување нема.
MiD: Дали треба да имаат некој предзнаења?
Марина: Единствено што е потребно е желба за пеење. Можеби е малку чудно, но како педагог со 15 годишно искуство со детскиот хор “Ѕвончиња” од Битола и професор по соло пеење во Државното музичко училиште во Битола, успевам да ги разбијам стереотипите за музикалноста од најмала возраст. Сметам, а и веќе научно се докажува дека слухот исто како одењето, јадењето, пишувањето се тренира и развива (онаму каде не е доволно развиен) со многу љубов,трпение и знаење. Затоа мотото на нашата школа е : “ Ние децата не ги избираме, ние ги развиваме сите”. Одговорно тврдам дека секое дете во овие 15 години, сме го направиле тоа со секое дете.
MiD: Дали бројот на ученици е ограничен?
Марина: Бројот на ученици не е ограничен. Доколку се појави поголема бројка на деца, тогаш правиме нова група, со нов термин.
MiD: Ви благодарам за споделените информации со нашите читатели?
Марина: Ви благодарам и на вас.