1.Пазарот на енергија ( во кој меѓудругото спаѓаат струјата и гасот) во Германија е 100% либерален, и секој има право да си одбере доставувач за струја и гас по свој избор. Доколку некој ве убедува дека мора да останете кај конкретниот доставувач, тоа АПСОЛУТНО НЕ Е ТОЧНО.
- Постојат над 1300 понудувачи за струја и околу 1000 понудувачи за гас кои воглавно се делат на две главни групи:
2.1.Задолжителен законски доставувач за одреден регион ( Grundversorger). Најголемиот дел од домаќинствата во Германија користат струја и гас токму од Grundversorger-от. Со оглед на тоа дека е задолжителен законски доставувач, и мора да доставува струја и гас дури и кај потрошувачи кои нередовно ја плаќаат својата сметка, цената кај Grundversorger-от речиси секогаш е ПОСКАПА.
2.2.Слободен доставувач ( Freilieferant). Тоа се сите останати доставувачи кои настапуваат на пазарот, и со најразлични маркетинг-стратегии се борат да добијат дел од “колачот” вреден милијарди евра. За разлика од Grundversorger-от слободните доставувачи најчесто вршат експресна финансиска анализа за бонитетот на потенцијалниот потрошувач ( Bonitätsprufung) пред да го одобрат договорот за достава на струја и гас. Со други зборови, нудат доста поевтина и стабилна цена, но за возврат бараат финансиски стабилни потрошувачи.
- Цената на струјата и гасот зависи од две ставки:
3.1. Цена за 1 Kwh ( Arbeitspreis, или некаде се споменува и како Verbrauchspreis), и
3 2. Цена за користење на електрична/гасоводна мрежа ( Grundpreis)
Токму затоа тврдењата од типот “јас плаќам €80 месечно” се сосема непрецизни.
- Сметката (Abrechnung) за струја и гас најчесто се добива една година од почетокот на договорот за достава на струја и гас. Во зависност од фактичката потрошувачка ( изразена во Kwh) се добива доплаќање ( Nachzahlung) или повраток на пари ( Guthaben). Во тој контекст, многу е важно месечниот паушал ( Abschlag) да биде реален. Најлошо е кога месечниот паушал е премал, и на крајот на пресметковниот период дојде огромна сума за доплаќање. За да се избегнат такви несакани ситуации, пожелно е барем еднаш на 3-4 месеци да се следи потрошувачката на самото броило ( Stromzähler/Gaszähler), и доколку има отстапувања од предвидената потрошувачка, да се направи подесување,т.е корегирање на месечниот паушал ( Abschlag anpassen).
- Често пати може да се случи телефонски да се обидат да ви подметнат некаков договор за струја и гас. Игнорирајте такви повици, затоа што според Datenschutzgesetz никој не смее да го има вашиот телефон без ваша дозвола.
- Важно при секое ново вселување во нов стан е да се знае, дека секој има рок од 4 недели за избор на доставувач на струја и гас по свој избор. После тој рок по автоматизам припаѓа кај локалниот доставувач за таа адреса ( Grundversorger), кој речиси секогаш е најскап.
- Важно при секое иселување од постоечкиот стан потребно е навремено да се даде отказ на договорот за достава на струја и гас. Притоа, за разлика од договорите за телефонија и интернет, кај договорот за струја и гас во случај на селидба секој има посебно право на отказ без никакви обврски ( Sonderkündigungsrecht).
- Посебно право на отказ ( Sonderkündigungsrecht) исто така има и кога доставувачот за струја и гас одлучи да ја покачи цената ( за што МОРА претходно писмено да Ве исвести).
- Важно при изборот на доставувач:
– водете грижа да се работи за докажан доставувач на пазарот. Со тоа ќе имате долгорочна стабилност и сигурност. Многу често се случува доставувачот да пријави банкрот ( Insolvenz). Со тоа автоматски најчесто губите и Вие дел од вашите пари. Затоа во случај кога не сте сигурни, пожелно е да се информирате за оценката и искуството на потрошувачите за конкретниот доставувач.
– водете грижа да обезбедите стабилни и добри цени на подолг рок, а не да лакомите по примамливи бонуси или подароци, кои со скапата цена за 1 Kwh ( Arbeitspreis ) или скапата цена за приклучок ( Grundpreis ) на крајот ќе ве “одерат”.
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.