Визи Информации Конзуларни прашања

Фото+Видео: 47 работни визи за Германија со помош на Виктор

Напишано од Aleksandar Buzleski

Во последното издание на емисијата БЕЗ ГРАНИЦИ имавме прилика да се запознаеме со Виктор Гичев. Се работи за несекојдневен млад човек по потекло од Дојран, кој веќе подолго време живее и работи во Германија.

Во првиот од двата дела од емисијата, Виктор за прв пат јавно проговори за проблемите кои ги имал во Македонија, а кои за многу брзо време станале пресудни за да извади карта во еден правец.

Имено, Виктор од прва рака ни раскажа за проблемите во македонскиот здравствен систем кои тој ги искусил во периодот непосредно пред да тргне за Германија. Конкретно, имале многу несакани моменти поврзани со животот на неговата ќеркичка која во тоа време (околу 2015 година) сеуште била мало бебе. Ни раскажа како здравствените власти во Македонија си ваделе дијагнози од ракав за малата ќеркичка, за да на крајот се испостави дека речиси ништо од тоа не е точно. Во трајно сеќавање им останал само стресот и трчањето низ македонскиот здравствен лавиринт.

Втората капка која ја прелила чашата на Виктор бил неговиот извор на егзистенција. Имено, во тоа време имал две свои продавници во Дојран со неколку вработени. Но како и многумина, не успеал да опстане во системот кој за некого е мајка а за некого маќеа.

Тука веќе донесува дефинитивна одлука дека среќата ќе си ја бара надвор од границите на Македонија и почнува да истражува кој би бил најдобриот начин. Во сета таа паника, за жал бил и жртва на лажни посредници за работа во странство. Конкретно, бил жртва на измамник од Бугарија кој му ветувал брда и долини, за да на крајот ги игнорира сите негови повици и пораки на Вибер.

Но, тој бил цврсто решен и не се откажал во потрагата по “ветената земја”. Во сета таа бркотница пробал да замине и за Нов Зеланд, но и таа процедура се покажала како прилично скапа и комплицирана.

Конечно, за среќа успева да дојде до работен договор за Берлин, Германија и врз основа на тој работен договор успева за брзо време да ја добие првата работна виза од германската амбасада во Македонија.

Не чекајќи ни секунда, Виктор уште истиот ден кога ја подигнал визата го фатил првиот авион и слетал на аеродромот во Берлин.

Почетокот за него бил ужасно тежок. Воедно, како што и самиот искрено признава, претходно немал многу искуство со странски земји, па културниот шок уште повеќе му ја усложнил претставата за новата средина. Но, за среќа успева да го преброди тој прв период, па за нешто повеќе од една година успева да помогне на неверојатни 47 други Македонци, да дојдат и да почнат со работа во фирмата Hermes, каде и самиот тој работел во тоа време.

За тоа што се случувало детално погледнете во видеото на следниов ЛИНК

Воедно ја користиме оваа прилика да го поканиме секој еден од вас што сака да ја раскаже својата приказна, да ни пише на нашата е маил адреса:

makedoncivogermanija@gmail.com

Придобивките од сето тоа ќе бидат: 1) совет за тие што планираат да поминат по истиот пат и 2) искрено и несебично споделување на искуството за тие што веќе се надвор од Македонија, кои неретко се пронајдуваат во тие случки.

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.

Сподели на

За авторот

Aleksandar Buzleski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот