Covid 19 Актуелно Германија

Рекорден број на ново-заразени со Ковид-19 во Германија

Напишано од Aleksandar Buzleski

За прв пат од почетокот на пандемијата, во Германија има повеќе од 80.000 случаи на корона вирусот дневно.

Сојузната држава почнува да ја чувствува целосната сила на избувнувањето на Омикрон варијантата, при што бројот на зарази расте на нови височини. Во 24 часа до вчера наутро (12.01.2022), здравствените власти во Германија пријавија 80.430 нови случаи на КОВИД во Институтот Роберт Кох – надминувајќи го претходниот рекорд од 76.414 случаи регистрирани на 26 ноември.

Бројката претставува голем скок од 58.912 случаи пријавени пред една недела, иако таа бројка можеби била помала поради празнините во тестирањето и известувањето за време на празниците. Стапката на инциденца на седум дена се зголеми вчера (12.01.2022) на 407,5, од 387,9 претходниот ден и 258,6 пред една недела.

Сè уште има некои значителни регионални варијации низ Германија, при што покраината Бремен објави највисока стапка на инциденца од 1.296,8. Берлин има втора највисока стапка на инциденца, иако е значително помала со вредност од 856,4. Саксонија – државата која до неодамна имаше највисоки вредности на инциденца во земјата – моментално има најниска стапка на инциденца од 239,5.

Се претпоставува дека овие дивергентни вредности се од една страна поврзани со ширењето на варијантата Омикрон, која порано почнала да се шири на северот, а од друга страна се објаснуваат со фактот дека ризикот од инфекција е поголем кај Големите градови во Германија.

Бројот на дневни смртни случаи во Германија останува висок; 348 лица починале од инфекција со Ковид во последните 24 часа. Бројот на пациенти примени во болница на 100.000 жители во вторникот беше 3,34 – но многу поголем во регионите во кои има огромни епидемии на инфекции. Во Бремен, на пример, стапката беше 29,99.

Експертите сега велат дека брзото ширење на варијантата Омикрон значи дека заразувањето наскоро ќе биде речиси неизбежно. Светската здравствена организација во вторникот објави дека, според сегашните стапки на инфекција, очекува повеќе од половина од луѓето во Европа да се заразат со варијантата Омикрон во следните два месеци.

Строгото почитување на корона мерките, и редовното тестирање засега се ефикасен начин на превенција, посебно за лицата чие работно место неопходно вклучува контакт со голем број на луѓе. Притоа, и понатаму работата од дома (Homeoffice) е препорачлив метод на намалување на ризикот од инфекција, се разбира доколку самата работа го дозволува тоа.

Фото:Инфомакс

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.

Сподели на

За авторот

Aleksandar Buzleski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот