Актуелно Германија Македонија

Oдговор на македонската амбасада во Берлин, на апелот кој го испративме.

Напишано од Boban Petrovski

Како што веќе пишувавме нашата група испрати отворен апел до надлежните институции за соодветната примена на правилата за патување кон Германија(ЛИНК).

Одговор добивме од македонската амбасада во Берлин,и со нивна дозвола ви го прнесуваме во целост.

Напомена дека името на државата Република Македонија е корегирано согласно уредничката политика на овој портал и Facebook групата “Македонци во Германија“.

Почитувани членови на Админ тимот на групата Македонци во Германија

Ви благодариме за вашиот е-маил и доставата на апелот.

Амбасадата во Берлин би сакала да ве информира дека е запознаена со актуелната ситуација и има потполно разбирање за реакцијата и незадоволството од ваша страна и од страна на засегнати македонските граѓани, но би сакале да укажеме дека токму затоа Амбасадата на сопствената веб и ФБ страница ги има објавено и ги сподели појаснувањата за примената на регулативата од страна на Германската амбасада во Скопје и од Сојузната полиција, кои се доставени и до Аеродромските служби  – ТАВ, граничната полиција и авиопревозниците, со цел да бидат граѓаните информирани и да се избегнат такви непријатни ситуации. Амбасадата секако имаше комуникација и со Аеродромот во Скопје.

Во овој контекст, би сакале да ви појасниме дека службениците на аеродромите во Скопје и Охрид не постапуваат своеволно и неинформирано, туку согласно насоките и појаснувањата од германската амбасада во Скопје и германската сојузна полиција, кои исто така директно комуницираат со нив, а доколку не се придржуваат до насоките може да плаќаат пенали.

Дополнително, колку и да се револтирани граѓаните, мора на сите да им биде јасно дека е суверено право на една држава да ги регулира и соодветно од проценка на ситуацијата, прилагодува и применува условите за влез за странски државјани на нејзина територија.

Сојузната полиција и граничните службеници имаат суверено и дискреционо право да ги регулираат и појаснуваат условите за влез, вклучително и да одбијат влез на патници, и во редовни услови, а не пак во пандемија, во која секоја држава се штити на начин на кој има суверено право да одлучи кого ќе прима, какви вакцини ќе се признаат и сл.

Во случајот, во однос на олеснувањата за влез, очигледно од германска страна е појаснето дека единствено не важи обврската за пополнување на електронска пријава за влез, а неограничено право на влез имаат вакцинирани со признати вакцини и прележани согласно важечките германски прописи, а за останатите кои не се воопшто вакцинирани и се соодветно вакцинирани со барем две дози призната вакцина, може да им се одобри влез и пропуштање на аеродром со тест, само доколку исполнуваат некоја од итните и неодложни причини за влез кои и претходно важеа и се применуваа. За разлика од некои земји, за жал сеуште Германија не ги признава сите одобрени вакцини од СЗО кои се дел од Ковакс механизмот. Се надеваме дека согласно препораката на Европската комисија во иднина ќе извршат дополнување на листата на признати вакцини.

Останува сите да се надеваат дека наскоро пандемијата ќе заврши, со што би се укинале сите ограничувања, но, имајќи предвид дека актуелните трендови во ЕУ и Германија укажуваат на постепено одење кон задолжителна вакцинација, македонските државјани кои живеат во Германија и оние кои сакаат да патуваат по разни основи во Германија, треба да бидат свесни дека и во иднина е многу веројатно да има и понатаму ограничувања за невакцинирани.

Соодветно на горенаведеното, сите македонски државјани доколку сакаат да влезат во Германија, мора да се придржуваат до важечките прописи, насоки и појаснувања, во спротивно се впуштаат во сопствен општ и финансиски ризик и може да се изложат на непријатни ситуации, за кои веќе сите се свесни дека се случуваат.

Појаснувањата и соопштенијата и соодветните линкови се јавно објавени и достапни на веб и ФБ страницата на амбасадата и слободно може да се споделуваат и нема потреба од согласност за објавување, бидејќи целта им е токму таа, точно информирање со цел избегнување непријатни ситуации. Доколку сакате дополнителни потврди и појаснувања, единствено надлежна е германската амбасада во Скопје и германската сојузна гранична полиција, на кои можеме да ве упатиме, но посочуваме дека на објавата и појаснувањето од страна на германската амбасада во Скопје стои дека нема да даваат индивидуални изјави, така да тоа е фактичката ситуација до која македонските граѓани треба да се придржуваат доколку сакаат да им биде одобрен влез во Германија.

Секако, веднаш штом добиеме информации за евентуални промени ќе објавиме и соопштиме.

Со почит,

Амбасада на Република Македонија -Берлин

Botschaft der Republik Mazedonien – Berlin

Embassy of the Republic Macedonia – Berlin

Hubertusallee 5, 14193 Berlin

Tel.: +49 30/ 89 06 95 11

E-mail: berlin@mfa.gov.mk

Линк за преземање на PDF верзијата од официјалниот меил добиен од амбасадата во врска со ковид мерките.

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.

Сподели на

За авторот

Boban Petrovski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот