Пациент по потекло од Скопје, кој моментално живее и работи во Германија, успешно е опериран на срце со помош на роботскиот хируршки систем da Vinci во Центарот за срце во Дуизбург.
Станува збор за 31-годишен маж со коронарна срцева болест, а операцијата ја изведе тим предводен од кардиохирургот д-р Едис Љаиќ — специјалист за минимално инвазивна кардиохирургија и раководител на секторот за роботска кардиохирургија, кој исто така има македонско потекло.
Според лекарскиот тим, интервенцијата траела околу два и пол часа и поминала без компликации. Закрепнувањето било брзо, па пациентот ќе биде пуштен на домашно лекување само пет дена по операцијата, во стабилна и добра општа состојба.
Од клиниката објаснуваат дека станува збор за најсовремена минимално инвазивна техника која рутински ја применуваат. Пациентот престојува во Германија поради сезонска работа и е здравствено осигурен преку германски работодавач, а не преку македонскиот Фонд за здравствено осигурување.
Лекарите посочуваат дека ова е прв случај македонски пациент да биде опериран со оваа високоразвиена роботска метода — и тоа од хирург со исто потекло.
Вакви роботски кардиохируршки интервенции во Германија во моментов се изведуваат само во два центри — во Дуизбург и во познатата берлинска клиника „Шарите“, додека на ниво на Европа се достапни во помалку од 15 специјализирани медицински установи.
За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.
