Информации

Трајно напуштање на Германија

Напишано од Aleksandar Buzleski

Најчесто темите кои ги обработуваме се однесуваат на интеграцијата и олеснувањето на животот на Македонците во Германија.

Но, има случаи каде од најразлични причини, луѓето одлучуваат трајно да се отселат од Германија, и да се вратат таму каде што им е срцето и душата, во Македонија.

За сите нив, еве еден мал водич на неопходни чекори кои МОРА да ги направат пред да заминат:

  1. Да поднесат писмен отказ ( Kündigung) на сите институции со кои имаат било каков договор. Тие најчесто се: работодавачот, банката, здравствената каса, Finanzamt, наемодавачот ( доколку живееле под наем), ARD ZDF / радиодифузната такса, телефонските и интернет операторите, доставувачот на струја,гас и слично. Претходно треба да внимаваат на рокот за отказ кој стои во секој одделен договор. И најважно при целата оваа процедура е да добијат писмен прием дека отказот е во ред. Без писмен прием ( Bestätigung) отказот нема правно дејство, освен во случаи кога со договорот е допуштен едностран отказ ( и секогаш задолжително во писмена форма).
  2. Важно за првата точка е тоа што повеќето ( или можеби сите) горенаведени субјекти ќе имаат потреба од копија од нивната одјава во општина ( Abmeldung). Добро е што законски е можно порано да се постигне тоа , со таа напомена што во општината треба точно да им се прецизира датумот кога крајно ќе ја напуштат Германија, со што од општината треба да подигнат т.н. Abmeldungsbescheid. Во врска со ова најдобро да се консултираат со надлежниот службеник за оваа процедура, бидејќи во многу општини е различен периодот колку порано може да се направи одјавата од постојаната адреса.
  3. Во здравствената каса ( Krankenkasse), пожелно е да се подигне документ (Bescheinigung) со кој ќе може да докажат пред другите институции дека во целиот период биле здравствено осигурени, со што само би се продолжил тој континуитет во иднина. Доколку од Германија се селат во друга ЕУ членка, треба задолжително од здравствената каса да побараат издавање на формуларот Е 104. Тој е неопходен за продолжување на здравственото осигурување во другата ЕУ земја.
  4. Од сите поранешни работодавачи мора да побараат издавање на документ за докажување на социјално- пензиското осигурување (Bescheinigung zur sozialversicherung). Тоа е многу важно за моментот кога ќе се пензионираат, т.е. така најлесно ќе го докажат својот работен стаж во Германија.

Ова е првична верзија на оваа тема. Со текот на времето можно е да има надоградба на овој текст, што пред сè ќе биде детерминирано од новините во законските норми.

За сите што ќе се решат на овој важен чекор, ДОБАР ПАТ И МНОГУ СРЕЌА ПОНАТАМУ.

За вакви и други теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.

Сподели на

За авторот

Aleksandar Buzleski

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот