Денес преку Facebook Претседателот на Република Македонија објави фотографија од новиот дрес на фудбалската репрезентација на Македонија. Имено првиот дрес на репрезентацијата го доби Папата Франциск Први како подарок, по повод прославата на празникот Свети Кирил и Методиј.
И ете на ваков начин дефинитивно дознавме дека Македонија на Европското првенство ќе игра со нови дресови.
Ние за новите дресови и нашите обиди да добиеме директен одговор на оваа тема од ФФМ веќе пишувавме. Нашето писмо во врска со новите дресови на Репрезентацијата на Република Македонија упатено до Фудбалската Федерација на Македонија може да го прочитате ОВДЕ.
Во групата Македонци во Германија имавме и дискусија на оваа тема а од таа тема произлегоа и неколку претпоставки односно информации како ќе изгледаат новите дресови.
Еден наш член ни пушти фотографија од горниот дел на дресот од каде што можеше да се види бојата која потполно одговара со дресот кој можевме денес да го видиме.
Друг наш член ни пушти апликација на која е претставен предниот дел на дресот. Но со оглед дека предниот дел на дресот сеуште неможе да се види оваа информација треба да се земе како претпоставка.
Во меѓувреме на социјалните мрежи почна да се врти уште една фотографија овој пат од предниот дел на дресот. Од кој може да се насети дека бојата на дресовите дефинитивно нема никаква допирна точка со црвената боја од македонското знаме а и жолтата боја никаде ја нема.
Со оглед на првичните реакции на социјалните мрежи повеќе од веројатно е дека новиот дизајн на дресовите ќе мора да живее со исклучително негативни критики од пошироката јавност.
Во меѓувреме веќе е отворена и петиција со која се бара промена на дресовите.
Во петицијата се наведено следното образложение:
“Ние, граѓаните на Република Македонија бараме да се промени новиот дрес за репрезентацијата на Македонија во нов каде што ќе ги има националните бои. Бараме да се направи нов дизајн каде ќе биде прикажано сонцето кое е симбол на нашата држава. Овој дизајн што сега излезе во јавност е дизајн кој не ја претставува нашата држава koja нема никаква поврзаност со овие бои. “
Петицијата може да се потпише на следниот ЛИНК.
Секако на сето ова треба да се додаде и фактот дека Македонија е можеби единствената репрезентација која на Panini сликички е сликана со дресови за тренинг.
Сепак и покрај сите недоречености намерни или ненамерни кои се случуваат околу и во репрезентацијата тоа незначи дека нетреба да им дадеме поддршка на оние кои гинат на теренот за националниот дрес и оние кои во последните две години ни донесоа толку многу радости и гордост.