31.03.2021 дефинитивно ќе биде со златни бројки врежан во македонската историја, како ден кога навидум малата и срамежлива Македонија стана најголем кошмар за Германија после триумфалната победа на македонската фудбалска репрезентација против моќниот четирикратен светски шампион, Германија со 2:1.
Иако беа пречекани како лесен плен, македонските фудбалери во текот на натпреварот покажаа дека можат да се носат рамо до рамо со најголемите светски фудбалски веле-сили.
По почетната офанзива на германската репрезентација, Македонија успеа да воспостави рамнотежа на теренот и од полуконтра по проигрувањето од Барди, Пандев успеа пред крајот на првото полувреме да го отвори резултатот.
Во текот на второто полувреме следеше изедначување на Германија со голот од пенал на Ilkay Gündoğan, кој за многумина беше дискутабилен. Чудото се случи со голот на Елиф Елмас со кој веќе се насетуваше една легендарна победа.
Генерално ова беше еден одличен и борбен натпревар, со доста жолти картони и доста повреди на теренот. Не смее да се заборава и моментот кога македонската репрезентација беше потполно обесправена поради недосудениот пенал, со оглед на тоа дека на повторената снимка очигледна беше играта со рака на Emre Can.
Факт е дека македонскиот фудбал не памети подобар натпревар во историјата. Ова е натпреварот кој долго ќе се прераскажува. Македонците едноставно станаа неизмерно горди на своите фудбалски избраници, имајќи предвид дека среде Германија го поразивме тимот кој на свој терен немаше загубено квалификациски натпревар точно 20 години. Последно тоа и’ успеа на Англија во далечната 2001 година кога резултатот беше 5:1.
Македонските златни момчиња јасно покажаа дека не е случаен пласманот на европското првенство оваа година. Дефинитивно ова е наше време.
За повеќе информации на вакви и слични теми придружете ни се во групата Македонци во Германија.