Актуелно Култура

Со Иван Кукиќ ја промовираме најновата преработка на „Елено ќерко„ (ВИДЕО) во изведба на прекрасната Gül Özgüner Altın од Турција

Напишано од Aleksandar Ivanov

Во краток разговор со Иван Кукиќ ја промовираме најновата преработка на „Елено ќерко„ во негов аранжман и вокална изведба на Gül Özgüner Altın од Турција.

MiD: Здраво Иван ти благодарам за одвоеното време и пред се прекрасниот музички подарок.

Иван: Здраво Александар ви благодарам и јас на вас за можноста.

MiD: Се работи за навистина несекојдневна соработка. Како дојде до тоа?

Иван: Соработката за снимање на ова стара македонска песна излезе случајно. Јас и Gül сме пријатели на инстаграм и одвреме-навреме се допишуваме и притоа најчесто зборуваме за музиката. Таа многу ја сака нашата македонска песна и така дојде до идеја да снимиме некоја наша традиционална мелодија. И ја предложив „Елено ќерко“, многу и се допадна предлогот и така почнавме.

MiD: Како и каде се снимаше?

Иван: Најпрво го направив аранжманот. Потоа јас ја снимив музиката и мојот настап во студиото „202„ во Струмица. Gül го сними вокалот и нејзиниот дел од видеото во Турција. На крај го направивме миксот и така излезе видеото.

MiD:  Како комуницирате со Gül разбира ли таа македонски?

Иван: Таа не разбира македонски но ги знае темите на нашите песни кои ги пее. Инаку комуницираме на англиски.

MiD: Зошто „Елено ќерко„ има ли некоја посебна причина за тоа?

Иван: Нема никаква посебна причина. Едноставно во еден наш разговор интуитивно и ја предложив песната и таа веднаш прифати.

MiD: Со оглед дека изведбата со Gül прекрасно звучи би се радувале кога би продолжиле со соработка. Имате ли такви планови?

Иван: Би сакале и во иднина да соработуваме. Немаме ништо конкретно но најверојатно би било повторно нешто наше традиционално.

MiD: Во едно интервју Раде Шербеџија раскажува за неговите дружби со холивудските ѕвезди. На тие дружби тој често пеел македонски песни. Една од омилените песни на Аngelina Јolie била токму „Елено ќерко„.

Иван: Го имам слушнато тој муабет но не се сеќавам на детали. Што се однесува до Раде Шербеџија, на еден фестивал во Хрватска на кој бев со Влатко Стефановски меѓу другите имав можност да се дружам и си Раде.

MiD: Да ја искористиме оваа можност и да кажеме збор два за тебе. Син си на Горан Кукиќ и Ленче Дедејска-Кукиќ со тоа и музичките гени ти се загарантирани. За тебе може да се каже дека си музички сестрано надарен. Свириш клавијатури, пееш, свириш на бас гитара… Испуштив ли нешто?

Иван: Прв инструмент ми е односно професионално свирам бас гитарата. Освен тоа свирам помалку и гитара, клавир, тапан и народни инструменти но сето тоа од мерак, ништо професионално.

MiD: Покрај тоа што си активен на музичко поле сеуште си и студент. Што поточно студираш и каде?

Иван: Студирам во Белград музичка продукција и дизајн на звук на „Академија уметност„. Моментално сум трета година.

MiD: Покрај актуелниот имаш ли други твои аранжмани или соработки?

Иван: Нешто слично како со Gül немам но веќе 2 години сум член на Влатко Стефановски Трио. Пред некое време извадивме и албум заедно. Албумот се вика „Taftalidze Shuffle”.

MiD: Преработуваш наша традиционална музика, со Влатко свирите рок и традиционална музика, често можеме да те видиме како пееш и свириш и постари екс Ју-хитови. Во која музика најмногу се препознаваш и во кој правец би сакал да се развиваш како музичар?

Иван: Покрај другото во Струмица имаме еден состав кој се вика Yu For You. Целта ни е на нашите односно помладите генерации да им ја пренесеме прекрасната музичка енергија од времето на ју музиката. Времиња во кои според нас имало навистина квалитетна музика во секоја смисла на зборот. Интересно е што таа музика ни е домашна и во нејзе има многу често елементи на традиционален фолклор и таа комбинација на музика буквално ја нема никаде надвор од овие простори. Ние свириме се што мислиме дека е добро и квалитетно Леб и Сол, Индекси, Time, Ју Група, Смак, Кербер и тн. Како музичар немам строго дефиниран правец во кој би се развивал. Отворен сум за се што е квалитетно без разлика во кој жанр спаѓа.

За повеќе информации и дискусии на вакви но и на други теми придружете ни се во групата.
Сподели на

За авторот

Aleksandar Ivanov

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот