Актуелно Интервју

Интервју со Гордана Илиевска – нашите малку поинакви „домашни„ миленичиња

Напишано од Aleksandar Ivanov

MiD: Здраво Гога како си?

Гордана: Здраво Александар, одлично сум. Најпрво би сакала да ти се заблагодарам на поканата за ова интервју.

MiD: Честитки за приновата во вашето мало животинско царство. Прославивте ли и кој од вашата фамилија најмногу се радуваше?

Гордана: Ја прославуваме со радост и нетрпение секоја принова во нашето мало домашно животинско царство. За секое ново животинче иницијатор е мојот втор син Филип, а секогаш најсреќен и највозбуден е најмалиот син.

MiD: Повод за интервју се вашите малку поинакви миленици. Е сега не знам дали се домашни или приПИТОМени. Како гледаш ти на нив?

Гордана: Интересно прашање кое би го одговорила кратко, тоа се наши домашно припитомени членови на семејството.

MiD: Твојата односно вашата љубов кон несекојдневните домашни миленици не е од вчера. Можеш ли да ни кажеш пред да се доселите во Германија какви животни имаш односно имате чувано?

Гордана: Додека живеевме во Македонија имавме препелици ги изведуваше Филип во инкубатор. Процесот бара прецизност и одговорност во секој поглед, но навистина беше успешен иако мал. Исто така размножуваше и риби (скалари, циклиди, гупи и златни рипки) и ги продаваше во однапред договорен петшоп. Нормално имавме и мачиња, едно улично кутре и пит бул, исто така одгледувавме зајчиња. Одреден период од 4 години живеевме во Грција и таму имавме патор ”Перо” се викаше. Го припитомивме до степен да се гали како кутре, си го препознаваше името и трчаше по нас да се гали.

MiD: Во Германија сте фамилијарно околу 6 години. Животните што сега ги имате се сите со германско или има некој и со македонско државјанство?

Гордана: Сите се со германско потекло од овде набавени. Македонските животинчиња останаа домче. Најмногу ми е жал што не можевме со нас да го понесеме пит булот поради забраната во Германија на таа сорта на кутриња, а беше дел од нашето семејство растено заедно со бебуш (најмалиот син).

MiD: Во моментов имате змија, гуштери, пајаци и риби. За кои видови поточно се работи и колку време ги чувате?

Гордана: Змијата е од видот кралски питон, нејзе ја имаме 2 години и земена е речиси во исто време со драгонот (австралиски брадест змеј). Пајаците се тарантули и ги поседуваме 1 година, а рибите се скалари, неонки и златни рипки, нив ги имаме 3 години.

MiD: Како воопшто дојдовте до идеја да чувате животни од кои многумина имаат паничен страв?

Гордана: Уфф реално јас таква идеа никогаш не сум имала ама средниот син Филип пак од секогаш кажувал дека штом порасне и сам заработува ќе ги има дома. Мислев ќе му мине желбата но дефинитивно не сум била во право, пред 2 години отидовме на одмор со маж ми и он тогаш решил да искористи ситуација да купи питон, знаејќи ме дека кога е веќе дома ќе го прифатам. Иако на почетокот ми беше езиво за кратко време го прифатив новиот член. Потоа почна да ги носи и другите “наши членови”. Сега се дел од нашето секојдневие и дел од семејството.

MiD: Змиите и гуштерите се ладнокрвни животни тоа за многумина значи дека не чувствуваат љубов односно поврзаност кон сопственикот. Дали е тоа така?

Гордана: И јас мислев така, но се испостави дека сум грешела. Така драгонот првата година кога отиде Филип на одмор штрајкуваше одреден период со глад и не сакаше да се шетка како кога е дома Филип зошто беше само со него поврзан и тоа им беше прва разделба. Потоа почнав и јас да се грижам почесто за него за да не тагува кога не е дома син ми, сега е поврзан со мене, Филип и најмалиот син. Тарантулите не се приврзуваат, а питонот јаде само Филип кога го храни.

MiD: Претпоставувам дека вакви животни не можат да се купат во Алди или Лидл. Каде се купени и колкав е отприлика буџетот што треба да се предвиди за купување на вакви животни?

Гордана: Секако животинчињата се купени во специјализирани продавници за животни и цената е индивидуална и зависи од сортата, староста па дури и од полот. Еве на пример кај камелеоните мажјаците се секогаш поскапи некогаш дури и двојно од женка иако се на иста возраст.

MiD: Германија е бирократска земја за се и сешто треба осигурувања, одобренија и документи. Каква документација односно осигурувања се потребни за ваков вид на животни?

Гордана: Сите наши миленичиња се сертифицирани со документи но никакви осигурувања не се задолжителни за нив. Обврска околу камелеонот имавме само да го пријавиме затоа што е милениче од заштитена сорта и доколку тоа не го сторевме во рок од 2 недели следи парична па и затворска казна. Исто така доколку изгине или го продадеме треба да го одјавиме.

MiD: На сликите сѐ гледа дека питонот е прилично голем. Колку години има и колку е стар?

Гордана: Питонот е женка и е стара 2 и пол години. Брзо расте но женките не растат повеќе од 1,5 Метри.

MiD: Колку често се храни питонот и со што? Какви други специфики би можела да издвоиш за питонот во улога на домашен љубимец?

Гордана: Интересно во врска со питонот е што се храни само еднаш месечно (идеално за луѓе кои не сакаат многу обврски). Инаку се храни со жив плен на пример со пилиња или со глувчиња. Го стега поточно дави пленот и ја отвара вилицата колку што е голем пленот, го голта цел и со помош на јаки киселини кои ги лачи полесно го вари. Откако ќе го проголта ја мести вилицата повторно назад. Од страна гледано делува како да сака да нападне но тоа не е така особено не кога е сита. Инаку е питома и кога би нападнала тоа би било доколку почувствува опасност.

MiD: Имате два вида на гуштери, камелеони и австралиски брадест змеј (драгон). Какви се карактерните разлики односно разликите во одгледувањето помеѓу овие два вида на гуштери?

Гордана: Тоа се сосема различни видови, но имаат неколку особини кои им се слични. Обожуваат топлина, сонце, инсекти и зеленчуци.

MiD: Можат ли да живеат во ист терариум или треба да бидат одвоени? Ако се одвоени зошто е тоа така?

Гордана: Задолжително е да се одвоени, различна влага треба да има во терариумите или на едниот или на другиот вид не би му годело нешто доколку би биле заедно, камелеонот е бебче и доколку би го ставиле кај драгонот може да го изеде.

MiD: Има преку 200 подвида на камелеони. Каков камелеон имате вие и дали сите под видови менуваат бои?

Гордана: Вајлед сорта е бебчето и да сите видови камелеони менуваат боја особено под UV зраци но и во зависност од нивната старост и расположение. На пример кога се помлади имаат побледи бои кои потоа со време се интензивираат. Исто така кога се лути или вознемирени добиваат шари или точки. Но за разлика од тоа што повеќето мислат боите не ги менуваат толку често имитирајќи ги боите на околината.

MiD: Имам слушнато дека гуштерите треба да се држат почесто на нашето тело и тоа на места на кои подобро се чувствува човечкиот пулс за да се навикнат на нас односно да не препознаваат. Дали е ова точно и дали би можела да ни издвоиш некој други специфики поврзани во однесувањето на гуштерите?

Гордана: Тоа со пулсот ме ми е познато. Дефинитивно бараат многу светлина, топлина и влага во зависност од сортата. Инаку камелеонот не слуша но затоа има многу добар вид како да има диоптер број 50, очите ги врти независно едно од друго гледа странично напред и назад исто така. Драгонот пак сака да плива и ужива во топла бања.

MiD: Кажавме на почетокот дека деновиве добивте принова односно се подновивте со бебе камелеон. Му дадовте ли име?

Гордана: Точно така, ова е прво толку малецко животинче да земеме и го доживуваме баш како бебуш. Му дадовме име Пикси, така сакаше нашиот најмал но главен член, а беше инспириран од еден филм со џуџе по име Пикси.

MiD: Очекувате ли во скоро време некоја друга принова?

Гордана: Хахаха тоа кај нас никогаш не се знае.

MiD: Покрај змијата и гуштерите имате и две тарантули. Кажи ми збор два за нив? Дали се некој подвид, отровни ли се и тн.

Гордана: Едната тарантула е од сортата мексиканска црвенонога а другата е psalmopoemus irminia односно тигар тарантула и има појак отров но и двете не се смртоносни. Припаѓаат на сорти од нов свет.

MiD: Вашите деца особено помалиот син се игра со питонот и гуштерите. На кои правила на игра мора да се внимава за да не дојде до некој несакан настан?

Гордана: Питонот е сосема безопасен за луѓето и расте до максимум 1.50 не е отровен воопшто. Тарантулите се отровни но не опасни по живот. Нивниот отров се споредува со убод од оса до стршлен зависно од староста, може да предизвика температура треска, црвенило но не и смрт. Малиот син без никаков страв се дружи со питонот дури и го вози во камиончиња, а со тарантулите не му даваме да има допирен физички контакт затоа што во момент на одбрана тарантулата фрла влакна кои исто така може да направат реакција.

MiD: Сте имале ли досега непријатни ситуации?

Гордана: Пред да земеме било какво животинче прво се информираме убаво, на таков начин нема простор за непријатни ситуации.

MiD: Змии, гуштери, пајаци како реагираат вашите комшии, пријатели, роднини кога ќе ве посетат?

Гордана: Многумина од нив панично реагираат (поради недоволна информираност), дел од пријателите пак љубопитно реагираат и според нивно кажување имаат чувство како да престојуваат во мини ЗОО.

MiD: Кога одите на одмор кој се грижи за нив?

Гордана: Не се случило сите заедно да одиме речиси никогаш. Ние сме 5-члено семејство од кое 2-цата батковци ни се веќе возрасни па си тераат нивни планови независно од нашите. Така секогаш некој од нас останува дома. За итен случај секако имаме наше човече од доверба кое е грижливо и не би не изневерил. Тоа е нашиот чичко Добре кој си го има името на место според карактерот.

MiD: Можеш ли да издвоиш некој поинтересен настан поврзан со вашите миленичиња.

Гордана: Пример купивме 5 риби и за еден месец станаа 50. Драгонот ни снесе јајца без мажјак а се чудевме зошто го раскопува терариумот. Бебето камелеон има моќ да биде различна боја од страната каде што е изложено на UV зраци и од другата страна каде не е сосема различна боја на двете страни.

MiD: Имате ли пријатели или можеби сте член на некое здружение на љубители на ваков вид на домашни миленичиња? Со кого разменувате искуства?

Гордана: Додека бевме во Македонија син ми контактираше со Војо, тој е вработен во зоолошката градина во Скопје а во Македонија е доста познат по неговата љубов и стручно знаење за рептилите. Откако сме овде контактира со човек кој има сопствен пет шоп и многу знаење за секое животинче.

MiD: За крај што би им препорачала на сите кои сакаат да чуваат дома малку поинакви миленичиња?

Гордана: Прво да се информираат убаво за условите и потребите што ги бараат животинките и нека пробаат да изберат животинче кое ќе им одговара најмногу на условите и можностите.

За повеќе информации и дискусии на вакви и други теми придружете ни се во групата: Македонци во Германија

 

 

 

Сподели на

За авторот

Aleksandar Ivanov

error: Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од авторот