MiD: Здраво Билјана, дали би можеле веднаш да поминеме на ТИ?
Билјана: Може секако, нема проблем. Здраво и на тебе Александар.
MiD: Како си?
Билјана: Одлична, среќна, возбудена, збунета….
MiD: Кога за прв пат стапивме во контакт ти се обративме со БиЉана. Веднаш не исправи дека си Билјана а не Биљана. Кажи ни дали секогаш така реагираш и зошто?
Билјана: Затоа што го имам најубавото македонско име и правилно литературно е со Лј а не со Љ. Комплицирана сум како да ти кажам, за се си имам принцип.
MiD: Би сакала ли на кратко да ни кажеш нешто за тебе? (се што ќе ти падне на памет)
Билјана: Имам завршено две средни образованија , медицинска сестра и физиотерапевтски техничар. Инаку сум дипломиран инженер по екологија и Магистер по управување со отпад. Многу позитивна, комуникативна и сакам да помагам на луѓето. Инаку сосема нормална девојка која што како и сите луѓе се бори за своето место под сонцето.
MiD: Во оваа прилика нема да те прашаме за твојот љубовен статус. Се надеваме дека нема да имаш ништо против на ова тема да зборуваме во некоја наредна прилика?
Билјана: И подобро, ахахаха. И така нема што да се зборува, можеби до следна прилика ке се промени нешто.
MiD: Дали некогаш некој ти рекол дека личиш на Каролина Гочева?
Билјана: Сите ми го зборуваат тоа. И знајни и не знајни. И кога излезе по портали моето претставување за избор на Мис Туризам сите мислеа дека е Каролина. Инаку имам чест што се познавам со неа. Се сретнавме и се прегрнавме пред неколку години на една ревија по повод Валентајн во винаријата Камник. Ја обожавам . Таа е нашиот бисер.
MiD: Македонија во последен момент се пласира на светско првенство во ракомет. Следиш ли спорт и дали ти спортуваш?
Билјана: Да, знам прочитав. Многу се радувам за нив. Обожавам кошарка, заради високите момци, само такви и прилегаат и на мојата висина со оглед на тоа дека сум 177. Но следам и ракомет и им честитам на момците и се надеваме на добар пласман.
MiD: Нашата комуникација почна минатата сабота. Во неделата ни кажа дека имаш работни обврски. Кажи ни нешто за твојата професија?
Билјана: Работам во првото онлајн казино во државава. Веќе три години сум таму. На сите страни сум. Ако не сум на работа тогаш нешто снимам, ако не снимам тогаш спијам, или сум на некое сликање. Но кога се сака се се може, за се наоѓам време и како што можете да видите постигнувам.
MiD: Кога и како почна да се занимаваш со манекенство?
Билјана: На 6 годишна возраст почнав како дете на една ревија на тогаш познатиот Марио Липша.Тоа беше ревија за хулахопки. И од сите деца мене ме стави прва да ја водам змијата за дефиле. Уште тогаш тој рече дека има потенцијал во мене и дека далеку ке стигнам. Потоа како си одминуваа годините патиштата ме однесоа во детскиот фестивал Златно Славејче каде имам и песна како солист. И веке на 13 годишна возраст кога мораше да го напуштиме хорот бидејки веќе бевме пораснати почнав во светот на модата. Реклами, насловни и слично.
MiD: На пошироката јавност и стана позната по твоето учество во годинашново издание на интернационалниот избор на мис туризам. Дали предходно си имала јавни настапи?
Билјана: Не, ова ми е прв настан од ваков карактер.
MiD: Кажи ни нешто повеќе за натпреварувањето во кое актуелно учествуваш?
Билјана: Овој настан е од интернационален карактер каде учествуваме вкупно 31 земја. Македонија е 21ва по ред. Мiss Tourism International 2020/21 е најубавото нешто што можеше да ми се случи изминатиов период. Јас сум единствена Македонка. Главното финале е на 17 ти Јануари и ке се одвива онлајн на фан пејџот на Мис Туризам во 20ч вечерта. Заради ковид 19 можеби сме спречени да отидеме во Малезија , но не сме спреечени и виртуелно да дојдеме до титулата.
MiD: Како дојде до тоа да се пријавиш за ова натпреварување и што ти беше мотивот?
Билјана: Јас немав никаков план искрено. За се е “ виновен” Олег Дементиенко од Пантер Моделс. Сосема спонтано ми се јави еден обичен работен ден и ми нареди, во буквална смисла верувајте, ми нареди да бидам спремна за 1 час и да дојдам на плоштад и дека трееба нешто да снимаме. Направија 3 снимки со мене и кога завршивме ми вика е таман сега овие во Малезија ке ги пратиме. МЕ шокираше. Велам зошто таму Олег што се случува? Ке ја претставуваш Македонија за избор на Мис, ете тоа се случува рече. А мотив ми била и ке ми биде мојата држава Македонија. Се надевам на победа.
MiD: Оваа година поради корона кризата има промени во начинот на гласање. Дали би можела накратко на читателите да им го објасниш модусот на гласање.
Билјана: Да , гласањето е виртуелно овој пат заради Пандемијата која што го уништи цел свет. Се што треба да направат е да ја лајкнат фан страната на Miss Tourism International 2020 и да ја лајкнат сликата на нивната претставничка од Македонија. И да дадат коментар дека гласаат за Македонија. Има и уште еден пост со слика од сите земји учеснички и таму нека коментираат и споделуваат на public односно јавен пост и да гласаат за Македонија. Тој што ке биде одбран по рандом избор од жирито ке биде добитник на 100 евра ако не се лажам. Мотивација плус за да се гласа. А за нас девојките ке има жири од светот на модата и филмот и тие ке одлучат кој ке биде победник.
MiD: Што се однесува до гласовите преку Facebook таму си во водство и ако продолжиме со вакво темпо скоро сигурно ќе победиш. Какви се твоите очекувања што се однесува до гласањето на стручното жири?
Билјана: Не се надевам на ништо за на крај да не бидам разочарана. Многу амбициозно се заангажирав околу сево ова. Но само знам дека имам поддрша од својот народ и тоа ми дава дополнителна сила за да го дочекам финалниот ден и крајните резулати. Чест и голем престиж е да се биде рамо до рамо со останатите земји. Ние веке победивме.
MiD: Дали кога се пријавуваше за натпреварот очекуваше дека ќе се дигне толкава „прашина„ околу твојот настап и дека за кратко време ќе имаш толку јавни настапи, интервјуа, комуникација со огромен број твои поддржувачи на социјалните мрежи?
Билјана: Прво да те корегирам, не се пријавив Јас сама. Немав поим што се случува. Инаку Вооопшто не очекував вакво нешто. Се крена толкава фама околу сево ова, но и мило ми е. Знаете како велат. За добриот коњ прашина се крева.
MiD: Во јавноста преовладуваат позитивните коментари но тука и таму има по некој негативен односно провокативен коментар. Во една прилика ни напиша дека ти е многу криво поради тоа. Се гледа дека тоа многу те погодува и дека си човек кој се обидува на сите да им угоди. Како во меѓувреме се справуваш со негативните коментари?
Билјана: Многу тешко првите неколку дена, му досадував по телефон на Олег цело време. Види Олег овој вака рече, види таа онака рече… го полудев човекот. Но потоа мајка ми ме седна и ми рече добре дојде во светот на јавните личности. Мораш да се навикнеш на секакви коментари и да се научиш да живеееш со нив. Глава горе и чекори по својот пат.
MiD: Во твоите обраќања на социјалните мрежи и во медиумите никогаш не споменуваш дека се натпреварува Билјана туку Македонија. Тоа навистина ни остави многу позитивен впечаток, би сакала ли да ни кажеш збор два, зошто е тоа така?
Билјана: Затоа што сум јас Македонка, ја сакам својата татковина и е во многу тешка состојба во моментов. Трпиме притисоци, омаловажувања и непризнавање. А ние ПОСТОИМЕ. Мојата татковина постои, ЈАС ПОСТОЈАМ ЕВЕ СУМ ПРЕД ВАС и никој пат нема да кажам лош збор ниту за мојата татковина ниту пак за други земји.
MiD: Со оглед дека се работи за мис туризам, кои се придобивките од оваа натпреварување во промоција на Македонија како туристичка дестинација?
Билјана: Па токму затоа и ја претставувам државата, сакам да си ја претставам татковината на убав начин. Да дојдат луѓето и да ја доживеат со прекрасни емоции.
MiD: Многу често се случува дури откако ќе ја напуштиме родната земја да почнеме да ги цениме нејзините убавини. Што мислиш зошто е тоа така?
Билјана: Затоа што чувствуваме голема носталгија. Каде и да одам пак се вракам таму каде што припаѓам, од каде ми се моите корени.
MiD: Во твоето промотивно видео за Македонија го споменуваш Охрид, планините, реките, филмот „медена земја„. Што е тоа што тебе најмногу те привлекува кај Македонија како туристичка дестинација.
Билјана: Охрид, мојот по мајка роден крај. Каде и да се завртиш Македонија изобилува со прекрасни планини, реки и природни езера, има што да се види во нашата земја.
MiD: Три омилени туристички локации во Македонија?
Билјана: Охрид, Маврово и Пелистер во Битола.
MiD: Три работи со кои можеме да се пофалиме како туристичка дестинација?
Билјана: Планината Водно, Берово и Маврово.
MiD: Три нешта од кои треба да се срамиме од туристички аспект и кои веднаш би ги сменила?
Билјана: Нема три нешта, едно и единствено нешто што ме нервира и сум крајно разочарана е загаденоста. Бидејки аерозагаденоста веке ни е секојдневние. Беше тешко да се одбегне загаденоста, тешко е да се избориме со тоа. Но и општо луѓето немаат навика да ја заштитат својата животна средина. Кога ке помине пандемијата сакам нешто да промениме во нашето Скопје за луѓето кога ке дојдат да бидат воодушевени. Сепак мислам дека Македонија може да биде прекрасна дестинација за туристите и бидејки ми е чест што ја претставувам, ке се обидам да го оправдам тоа.
MiD: Да бидеме искрени ние случајно преку наш член во групата дознавме дека Македонија учествува во вакво натпреварување. Го разгледавме твоето претставување на социјалните мрежи, ни се допадна и решивме директно да те контактираме преку messenger. Веднаш позитивно ни одговори и така почна нашата комуникација. Кажи ни дали очекуваше дека ќе има таков интерес од членовите на нашата група?
Билјана: Нималку, направивме бум преку нок. Огромна поддршка од нашите Mакедонци. Секоја чест.
MiD: Дали имаш пријатели кои живеат во Германија?
Билјана: Да имам, другарка која работи како медицинска сестра, и често ме убедува да дојдам да живеам таму.
MiD: Некои неофицијални статистики велат дека повеќето млади Македонци сакаат да се иселат од земјата, впечатокот е исто таков и во комуникација на улица, на социјалните мрежи и тн. Дали твоите планови во наредните 10 години се врзани со Македонија или исто така си размислувала за продолжување на својот животен пат во некоја друга земја?
Билјана: Не заминувам од мојата родна земја. Јас сум родена, растена и живеам тука и не ни помислувам да се разделам од Македонија. Единка на мајка и татко. Ни под разно не би се преселила. Тука ке оформам семејство, тука ке создадам дом и имам што да им разкажам на своите деца кога ќе пораснат. Македонија е моето богатство.
MiD: Ова е прво интервју кое го реализираме за нашиот портал. И покрај тоа што порталот е се уште во изработка без никаков проблем ја прифати понудата. Зошто?
Билјана: Затоа што обожавам да давам интервјуа. Да разкажувам за себе си и својот живот. Да разкажувам за Македонија. Многу сум зборлеста личност, можам до раните утрински часови да пишувам …. благодарам на покана.
MiD: Прашањата не завршуваат но се надеваме дека ќе имаме наредна можност за интервју после натпреварувањето. За крај дали би им порачала нешто на нашите читатели и членови на нашата група Македонци во Германија.
Билјана: Да сте живи и здрави, да не ја заборавате вашата родена земја, да се чувате од оваа тешка пандемија. Да не си го заборавате потеклото и својата татковина Македонија. И имајте успешна и берикетна 2021 година.